Основното јавно обвинителство Скопје ќе отвори истрага против разбојникот кој се обиде да одземе мобилен телефон на случаен минувач на 16-ти мај на булеварот „Крсте Петков Мисирков“.
„Осомничениот на 16 мај годинава, околу 22 се обидел да одземе туѓ мобилен телефон марка „Ајфон С6“ во вредност од околу 40.000 денари. Тој се приближил до оштетената и започнал со тупаници да ја удира по главата и телото обидувајќи се да и го одземе мобилниот телефон кој таа го држела во рака. Откако жртвата дала отпор, сторителот насилно ја бутнал на земја и продолжил со физичкиот напад влечејќи ја за чантата. Но поради отпорот на оштетената и нејзиното силно довикување за помош, осомничениот се откажал од намерата и побегнал“, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за определување на мерка притвор за осомниченото лице. Предлогот на обвинителството бил прифатен и со решение на осомничениот му е определен притвор во времетраење од 30 дена.