Радуловиќ: На Боки му дадовме 150.000 евра да купи лекови и гардероба од Милано за Марина

540

Ние ги резервиравме лековите за терапија во текот на шест-седум месеци, тоа беа скапи лекови. Јовановски требаше да ги плати и да ги донесе. Му дадовме на Бојан малку повисока сума. Тие лекови чинат 12.000 евра месечно, а ние не сакавме да правиме прекин во терапијата, па нарачавме за шест-седум месеци. И гардеробата е скапа, но за тоа се договараа Бојан и мојата сопруга. На Боки му дадовме чисти 150.000 евра. Тоа се наши пари, легално заработени, одговори сведокот Александар Радуловиќ на прашање на адвокатот Сашо Дуковски.

Радуловиќ, музички продуцент, композитор од Белград кој денеска сведочи во „Рекет“ е сопруг на најпознатата авторка на текстови на екс ју просторите, Марина Туцаковиќ.

– Дали имате материјален доказ дека сте му давале пари на Јовановски за телевизијата? – праша обвинителката Вилма Русковска.

– Што е за вас материјален доказ? – праша сведокот, а обвинителката му рече „Дали имате договор?“.

– Договор немам – одговори сведокот.

Тој претходно објасни дека со Боки се познава 12 години, дека тој бил чест гостин беше во нивниот дом во Белград, дека оделе на летување и на слави заедно.

– Дали во текот на тие 12 години колку што се познавате сте му дале финансиски средства на Јовановски – праша Дуковски, а сведокот потврди дека му дал и објасни дека тоа се случило кога Боки му кажал дека има намера да отвори ТВ.

– Тоа нам ни беше интересно затоа што сакавме да го прошириме влијанието и нашиот музички опус на просторот на бивша Југославија. Бевме согласни да бидеме кофинансиери на тоа и на други проекти поврзани со тоа – рече сведокот.

– Му давав и приватно, секогаш кога беше потребно во текот на нашето дружење – одговори сведокот на прашање на Дуковски дали му давал пари на Боки и приватно.

– -Дали сте се виделе со Бојан во 2019 година? – праша Дуковски.

– Да, и знам точно која беше причината за тоа, околу Нова година и подоцна пред роденденот на мојот син во ателјето кое е до нашата куќа. На семејна вечера на која беше мојата сопруга, синот Боки, неговата мајка, неговиот возач, неговата кума една недела пред роденденот на мојот син. Нашето заедничко дружење го претвориме во договор за набавка на лекови за мојата сопруга и набавка на гардероба за мојата сопруга која се договараше што да донесе тој од странство – рече Радуловиќ.

Сведокот објасни дека Боки и останатите требало потоа да одат во Милано на модна ревија и тогаш му дал пари на Боки за нарачките.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...