Радикално дупење во здрав мозок!

Командант Хоџа, надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот за потребите на канцеларијата на премиерот Зоран Заев. За 36.000 денари месечно!

10239

Веста за именувањето на командант Хоџа за советник на премиерот Зоран Заев ја примив со недоумица. Особено откако го прочитав објаснувањето на командантов:

„Откако Заев победи на последните парламентарни избори, имавме еден политички договор, јас да го ослободам Танушевци и тој да ми обезбеди владина функција блиску до него, како гаранција за мојата безбедност. Фактички, Заев направи математика да ме приближи до себе и да нема никакви проблеми. Јас не сум направил договор со Заев за гласови и очекувам овој договор премиерот да го испочитува“.

Си реков, сѐ е можно, ама ова сепак не. Каква е оваа математика? Зарем Танушевци пред изборите било окупирано, па го ослободил командантов? Зарем е можно Заев да одлучил да го приближи Хоџа до себе, за да нема никакви проблеми? Како е воопшто можно Заев да се договарал со „ослободителов“ на Танушевци?

Но ете, на изненадувањата им нема крај. Владата ја потврди веста. Да, командант Хоџа станал надворешен соработник на Заев, за надомест од 36.000 денари месечно. За да „преживее“, не за друго… Десетици илјади други луѓе, меѓу кои и многу кои се бореа да ја „ослободат“ Македонија од режимот на Груевски, ќе мора да почекаат. Приоритет имаат тие што можат на Заев да му направат „проблеми“.

Но, тоа не е сѐ. Се вџашив кога го прочитав целосниот назвив на советничката фукција на командантов – надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот за потребите на канцеларијата на премиерот Зоран Заев. Да повторам: надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот за потребите на канцеларијата на премиерот Зоран Заев!

Командант Хоџа советник за борба против радикализмот?!?!

Дами и господо другари, извинете на вулгарниот израз, ама морам да ви кажам дека ова се вика – радикално дупење во здрав мозок!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...