Рада Фуриозо

1227

Една исповедна, автобиографска книга на германскиот нобеловец Гинтер Грас (1927-2015) се вика „Лупење кромид“ (2007). Во таа книга знаменитиот писател разоткрива и храбро им соопштува на своите читатели дека, во годините на својата младост, бил нацист. Како и некогашниот генерален секретар на ООН Курт Владхајм кој направи политичка кариера за мерак по смртта на Хитлер. Со таа разлика што писателот Грас си призна, во книга, дека имал црна дупка во својата биографија. Тоа го сторија новинари. Ете, ликовите со беспрекорна кариера да ти биле, како светителот-испосник „Отец Сергеј“ на Толстој, едни грешници од голем формат во нивната младост.

Насловот на книгата на Грас е полна како брод со скриени пораки. Еве ви една, колку да не биде без ич: меморијата е составена од многу слоеви. Тие треба да се лупат како кромид, слој по слој. За, на крајот, да се дојде до ништо. Како оној страшен Виј на Конески, како оној Néant на Сартр. Таа порака допушта да се подведе книгата на Грас под рубриката „антрополошки песимизам“ кој, според умни и учени луѓе, нема свое место во науката Историја на идеите. Но затоа пак, тој песимизам има видно место во уметничката литература од голем формат. Отровот на безнадежноста, чувството на тивка или бурна меланхолија, болното, „трагично чувствување на животот“ (Унамуно), ете ги главните одлики на тој отровен антрополошки песимизам.

Зошто потсетувам на детали од постапките на две славни личности какви што се Валдхајм и Грас? Потсетувам затоа што е обично во животот на многу луѓе – одвај или никогаш да не го признаат тоа што многу добро го знаат за себеси. Тие го потиснуваат тоа длабоко. Во студена и мрачна сенка од својата душа. Тоа станува слој од нивната меморија до кој никој не доаѓа. Како што бипо со некогашниот генерален на ООН Валдхајм. Одбил да го лупи, слој по слој, својот кромид. Како што со мрачна сласт го лупел писателот Гинтер Грас.

Каква врска има тоа сега со Рада Фуриозо, алијас Радмила Шекеринска, министер на војската во владата на Заев и потпретседател на СДСМ? Врската е директна. Се врзува за силна поента од нејзината дебата, во која го растури, како дете тропалка, својот отмен антагонист Александар Николовски, на ВМРО- ДПМНЕ потпретседателот. Направи од него еден Алек Шашардисаниот. Како гласи таа силна поента? Таа гласи: вие добро го знаете тоа, ама не сакате да го признаете. А што не сака да признае ВМРО-ДПМНЕ елитатата? Таа не сака да признае дека, „до пред шест месици“, тврдела дека Грците никогаш немало да признаат „македонски јазик и идентитет“. Ама ете го – подигна за полутон својот полемички вокал Рада Фуриоза, во кој екна едно струмичко „пукнете од мака!“ на шефот Заев – Грците признаа, написмено, „македонски јазик и идентитет“.

Рече Рада Фуриозо и куп други работи кои се вртат сега како клипчиња на социјалните мрежи, а за кои нема да зборувам, затоа што се вртат. Многу од нив ги спакува во зборови кои звучат како непобитни „факти и аругументи“, а згора на тоа пријателски ви велат: „внимавајте, тоа не е сè!“ Други од нив, како одред војници од двете страни на тенк, се спуштаат од крајчињата на нејзиното усте. Под команда на кротка, дискретна иронија со скриено отров-осило (ви вели благо „како сте?“), војниците од двете страни на НАТО-тенкот на Рада Фуриозо ве држат на нишан. А пак тоа ептен лесно и брзо обесхрабрува и разоружува. Вие сте сега на нишан и со трепет прашувате: „ќе пукне или не?“

Рада е роден полемичар-дебатист и тоа од благороден сој. Носи со себеси еден куп хартии, најверојатно со непријатни „факти и аргументи“ и прашање на секунди е кога ќе го активира како тајно, разорно „орадие“. Таа е некој женски Наполен на нашето време кој удира силно и молневите на самиот почеток од полемичко-дебатната битка, et puis on voit (потоа ќе видиме). А што да видиме, потоа, кога нема спас од тоа „корзиканско чудовиште“ (Толстој)? Сè се знае, сè е видено и сè предвидено во главчето русокосо на тој женски Наполеон.

Нема пцости и злости, нама плуканици, нема инвективи и бласфемии во нејзината полемичка реторика, без кои ич не може нашата парламент-реторика Ja породи, набрзинка, токму тој плурален парламентаризам, а ја порасна нашиот чисто македонски примитивизам. Ако не верувате, чујте го и почујте барем малку Хорхета наш Валандавалар. Нејзината реторичка офанзива е секогаш ad rem и никогаш ad hominem. Потоа, нејзината кревка фигура и натура буди некој заспан заштитнички порив кој копнее да се покаже. Неизоставно. И тој се покажува. Почнува да рабити. Тој ви носи задоволство и вам веќе ич не ви е гајле кога и дали ќе се фати Рада за своето тајно, разорно „орадие“.

Ете како и ете зошто Рада Фуриозо победува, природно и очекувано, во своите дебетно-полемички битки. Независно од категоријата, рангот и опитот на својот антагонист. Било да е тоа Алек Шашардисаниот потпретсадателот, било претседателот Киријакос (пардон: Христијан) Мицкоски, пртседателот, за Рада наша „њама значение“. Првиот впечаток кој обично лаже, никогаш не лаже кај Рада Фуриозо. Иако „лаже како Циган“ (Груевски во една од бомбите на Заев, а за неговиот Урко пред да му удри клоца). Тој прв впечеток е: ептен тешко е, ако не и неможно, да се навлече Рада на тенок мраз. Ама, иако жена, нели и таа е човек? Нели е човекот од крв и мевца? Кога е така, нема ли сам да се навлече на тенок мраз? Макар бил женски, онака нежен, тој тенок мраз? Туку ете, таа не се навлекува. Заборава да се навлече, а вам ви е дури мило што е така.

Кога го почнав оној нешто подолг увод со Гинтер Грас и Курт Валдхајм, имав намера да придодадам и некои други фактори кон оној на Рада кој ја оцрта ВМРО-ДПМНЕ елитата како соило што ич не го признава тоа што ептен добро го знае. Ме повлекоа зборовите. Ете, и мене ми се случи тоа што му се случило на премиерот Заев, на митинг во Дебар. Да се надеваме дека моите читатели ќе ме разберат. Онака, како што јас покажав „разбирателство“ (Глигоров) за нашиот премиер Заев кога се најде во канџите на своите своеглави зборови.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...