Управата на кошаркарскиот клуб Работнички денеска донесе одлука со која на претстојните натпревари од финалната серија на плејофот нема да прифати организирана гостинска навивачка група во салата „Градски парк“ .
– Оваа постапка не ја покренуваме заради некаква скриена намера, туку, поради последните случувања во салата „Градски парк“ каде беше настанат прекин поради фрлање на тврди предмети, плукање и недолично однесување. Инцидентот дојде токму од трибината каде беше сместена гостинската навивачка група, а клубот беше парично казнет и натпреварот се доигра следниот ден без публика, стои во соопштението од Работнички.
По повод одлуката со реакција се јави и МЗТ Скопје од каде велат дека не се изненадени од ова решение.
– Со неверување ја примивме одлуката на Работнички за забрана за организирано присуство на навивачи на МЗТ Скопје на финалните средби кои ќе се играат во „Градски парк“. Но, ќе излажеме дека сме премногу изненадени, бидејќи бевме сигурни дека нешто ќе излезе од дебарската кујна на марифетлуци во пресрет на клучните дуели за титулата, знаејќи на што сѐ бевме сведоци изминатиов период – како расипаниот семафор и играњето во Гостивар. Со оваа одлука, господа од Центар, уште еднаш покажавте дека сте биле и дека сѐ уште сте гробари на македонската кошарка – наведуваат од МЗТ.
Првиот натпревар од финалната серија меѓу Работнички и МЗТ Скопје се игра на 20 мај (недела) во салата „Градски парк“.