Работниот комитет за интеграција во НАТО беше на тренинг да се подготви за членството во Алијансата

155

Работниот комитет за интеграција во НАТО имаше тренинг семинар во  Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал“ во Гармишпартенкирхен каде членовите на комитетот детално се запознаа со начинот на кој функционира НАТО во однос на внатрешните постапки и процедури на земјите членки.

Членовите на комитетот добија информации и искуства и од некои од поновите земји членки на Алијансата како што се Словенија, Словачка и Хрватска во однос на нивниот процес на интегрирање во НАТО и функционирањето како полноправна членка на НАТО.

– Оваа размена на искуства и добри практики ќе биде корисна бидејќи доаѓа во финалната фаза на интеграција во НАТО на нашата земја. Република Северна Македонија ќе биде 30-та земја членка на НАТО и тоа е неповратен процес. Процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО веќе е завршен во 22 земји членки на НАТО. Преостанатите седум земји членки ќе ја завршат ратификацијата согласно нивните домашни политички процеси – велат од владината прес- служба од каде вечерва информираа за овој треминг семинар.

Оттаму велат дека прашањето на полноправно членство е техничко, односно не се очекуваат никакви проблеми со ратификацијата во која била од земјите, единствено е прашање на време кога тоа ќе се случи, зависно од процедурите на институциите во земјите.

Полноправното членство ќе се заокружи кога ќе се заврши ратификацијата на протоколот во сите земји членки, и финално кога ќе биде ратификуван во нашиот Парламент. Процесите на интеграција на последните земји членки траеле од година до година ипол.

Работниот комитет за НАТО интеграција е интер-институционална работна група која е задолжена за изработка и имплементација на Програмата за континуирани реформи за членство во НАТО. Тоа е оперативното работно тело што ги има обврските за подготвува на Република Северна Македонија за членство во НАТО.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...