По кратко и тешко боледување, почина познатата хрватска пејачка Зденка Вучковиќ. Вучковиќ, која важеше за првата детска ѕвезда во поранешна Југославија, починала на 78-годишна возраст, на 8 март.
Како што пренесува порталот „24.сата.хр“, смртта на пејачката ја потврдил Роналд Браус, нејзиниот долгогодишен пријател.
– Ќе ја паметам по вечната свежина, енергијата, нерасипаноста. Беше нашето прво девојче кое стана ѕвезда, кое оствари блескава кариера – рекол Браус.
Зденка Вучковиќ е родена на 20 јуни 1942 година во Загреб, а нејзината богата кариера траеше повеќе од 60 години.
Публиката можеби ја памети најмногу по песната „Тато, купи ми автомобил“, која ја испеа со легендарниот Иво Робиќ и песната „Загреб, Загреб“, која стана неофицијална химна на хрватската престолнина. Последните денови од животот ги поминала во дом на стари лица во Загреб, пишува „Јутарњи лист“.