Пјаченца пред карантин, Македонците што се враќаат од печалба одат во самоизолација

Се трудиме да направиме контакт со што повеќе наши граѓани за однапред да не информираат доколку планираат да дојдат во земјава. Во секој случај, продолжуваат мерките и за секоја следна информација, јавноста навремено ќе биде информирана - рече Филипче.

1115

Иако се очекува помасовен влез во земјава на наши државјани кои работат во Италија, каде е засега најголемото жариште на коронавирусот во Европа, а многу од нив токму поради тоа и не одат на работа, нема најави дека во Македонија ќе се преземат некакви други мерки по враќањето на патниците од овој, но и од други ризични региони во Европа и светот, освен нивна самоизолација.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека пред карантин е и регионот на Пјаченца, а тоа го дознал во разговор со македонскиот конзул од Италија, кој сега престојува во нашата земја.

– Нашиот конзул има секојдневна комуникација со италијанските власти, а дознал дека се планира во Италија да се затвори регионот на Пјаченца. Таа одлука треба да биде донесена денеска или викендов. Се трудиме да направиме контакт со што повеќе наши граѓани за однапред да не информираат доколку планираат да дојдат во земјава. Во секој случај, продолжуваат мерките и за секоја следна информација јавноста навремено ќе биде информирана – рече Филипче.

Во врска со тоа дали по најавата за помасовен влез на наши државјани од Италија, Министерството за здравство ќе предложи и некоја друга превентивна мерка, оттаму изјавуваат дека според препораките на Комисијата за заразни болести, на патникот што доаѓа од регионот кадешто има регистрирани случаи, како што е регионот во Северна Италија, или од друга земја, им се укажува на пристигнатите патници да се упатат на 14-дневна самоизолација.

Во Црна Гора, на пример, каде досега нема регистрирано случаи на заболени од  коронавирус, времено го стопирале летот на „Визер“ од Подгорица за Милано.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...