Во присуство на голем број гости од општествениот и политичкиот живот, меѓу кои и лидерот на ДУИ Али Ахмети, претставници на институции и граѓани, во локалитетот Косоврасти на „Дебарски Бањи-Цапа“ свечено е пуштен во употреба аква-спаркот, најсовермен и единствен од ваков вид во Македонија.
Во обраќањето пред присутните претседателот на Бордот на директори на „Дебарски Бањи-Цапа“, Меџит Цапа рече дека ова е последователен но не и последен проект што ќе го реализира претпријатието, со што се придонесува не само во осовременување на постојните капацитети, туку и во намалувањето на невработноста.
– Станува збор за релизација на најнов проект на „Дебарски Бањи-Цапа“, иновативна инвестиција, единствена кај нас и во регионот. Тоа благодарение на залагањето на сите 230 вработени, со чиј европски однос кон гостите, придонесоа нивниот број, споредено со порано двојно да се зголеми. Во просек последните години претстојуваат по над 10 илјади гости, 60 отсто од нив странски, а остваруваат над 80 илјади ноќевања. Но, не застануваме тука, следната година ќе почнеме со изградба на нов хотел со 100 соби, во бањскиот локалитет Батиште – рече Цапа, најавувајќи и нови вработувања.
За градоначалникот на Дебар, Ружди Љата „Дебарски Бањи-Цапа“ е пример на успешна домашна инвестиција. Во своето обраќање тој меѓу другото искажа задоволство од се она што денес претставува ова претпријатие за општината.
Аква-спаркот (водена искра), се протега на површина од шест илјади квадратни метри, располага со отворен полуолимписки базен, затворен базен со површина од 150 квадратни метри, отворен базен за деца од две до 12 годишна возраст со површина од 600 квадратни метри со повеќе од 62 различни забавни точки, отворен базен од 250 метри квадратни за деца и возрасни, со две лизгалки за возрасни и две други атракции за деца, многубројни атракции на вода, како хидромасажер со притисок и воздух, џакузи, пештера, водопад, мрзлива река, противструјно пливање, масажа на разни делови на телото, сауна со инфрацрвени зраци, финска сауна, турска бања со пареа, џакузи и масажа, центар за спа третмани со природно фанго, бар и тераса со поглед на прекрасното Дебарско Езеро.