Пушењето цигари фатално за 12 отсто срцеви болни

96

Употребата на тутун и изложеноста на пасивно пушење придонесуваат за приближно 12 проценти од сите смртни случаи кај срцевите заболувања, а елиминирање на употребата на тутунот може да заштити милиони луѓе да умрат од срцев и мозочен удар, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по повод 31 мај Светскиот ден без тутун.

Под мотото „Избери здравје, а не тутун“, Министерството за здравство и годинава во соработка со Светската здравствена организација и Институтот за јавно здравје традиционално го одбележуваат Светскиот ден без тутутн.

– Во Република Македонија, според податоците од Институтот за јавно здравје, во 2016 година од болести на циркулаторниот систем починале 10.920 лица со стапка на смртност од 526,9 на 100.000 жители. Болестите на кардио-васкуларниот систем учествуваат со 53,5 проценти во вкупниот морталитет и се на прво место во структурата на причини за смрт, изјави Филипче.

Министерот посочи дека пушењето претставува докажан ризик за здравјето на популацијата, ризик за болести и глобален јавно-здравствен проблем, поради што неопходно е да се преземат итни мерки за укажување на штетноста од тутунот.

– Со оваа кампања и со заеднички заложби на сите засегнати страни во превенција и намалување на употребата на тутун, можеме многу да постигнеме во унапредување на здравјето на сите граѓани која е најважна инвестиција во општествено-економскиот развој на секоја држава, изјави Филипче.

Тој нагласи дека Министерството заедно со Владата годинава одлучиле Програмата за превенција на срцеви заболувања да се дополни со пет милиони денари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...