Путин: Русија и Србија се заинтересирани за безбеден Балкан

295
ФОТО: МИА

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави во Белград дека Русија е заинтересирана Балканот да остане стабилен и безбеден. Тој нагласи дека Русија поддржува  прифатливо решение за Косово врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

– Русија како и Србија е заинтересирана Балканот да остане стабилен и безбеден. Рускиот став за Косово е познат, се залагаме за постигнување прифатливо решение врз основа на Резолуцијата 1244 – изјави Путин на заедничка прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој додаде дека Москва дели загриженост на српското раководство во врска со Косово бидејќи чекорите на Приштина во последно време може да предизвикаат дестабилизација на Балканот.

Путин изрази очекување дека до крајот на годината ќе се потпише договор меѓу Србија и Евроазиската унија.

Двете држави денеска потпишаа голем број договори и меморандуми.

Вучиќ нагласи дека е задоволен од бројот на договори потпишани меѓу Србија и Русија и напредокот во соработката во сите области. Тој посебно истакна значење на соработката во енергетиката но најави и во иднина покренување заеднички инфраструктурни проекти.

Путин додаде дека очекува зголемување на количината на природен гас за Србија од три на 3,5 милијарди кубни.

Путин претходно на Вучиќ му врачи Орден Александар Невски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...