Пристапот до куќите што се наоѓаат под остатоците од урнатиот надвозник во Џенова е блокиран поради пукање на источниот крај на бетонската структура, објави денеска противпожарната служба.
Луѓето евакуирани од куќите и становите под мостот, поради претпазливост, веќе не може да се враќаат назад по своите работи, изјави портпаролот на противпожарната служба, Лука Кари.
– Од структурата на надвозникот доаѓаат звуци поинакви од оние во изминатите неколку дена – појасни тој.
Операциите во областа ги прекинаа и пожарникарите, но ќе продолжи расчистувањето на другите делови, како сувото корито на реката и железничката пруга, рече Кари.
Потрагата по исчезнатите заврши во неделата вечерта кога беа пронајдени последните три тела, така што конечниот официјален број на загинати е 43 лица.
Надвозникот „Моранди“ се урна во вторникот за време на бура, а повеќе од триесет автомобили и камиони паднаа на земјата од височина од 45 метри.
Се верува дека трагедијата била предизвикана од скината сајла во еден од бетонските столбови, рекоа инженерите што ја испитуваа несреќата.