Пукањето во Маџари под лупа на Основното јавно обвинителство Скопје

201
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица поради постоење основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
– Осомничените на 24.01.2019 година, во скопската населба Маџари, по претходен договор со умисла се обиделе да лишат од живот едно оштетено лице. Имено, на критичниот ден оштетениот се возел во автомобил Фолксваген голф 5 заедно со неговиот малолетен син и со уште две лица со кои бил во роднинска врска. Во еден момент, заради претходно нарушени меѓусебни односи, еден од осомничените, управувајќи со патничко моторно возило Фолксваген голф 3 удрил во нив, а зад нив застанал и вториот осомничен со автомобил Алфа Ромео 156 Караван. Во двата автомобили имало и други засега непознати лица, кои излегле и со шипки ги искршиле стаклата на голфот во кој се превезувал оштетениот. Двајцата осомничени, пак, излегле од возилата и со огнено оружје – пиштоли започнале да пукаат кон оштетениот, нанесувајќи му тешки телесни повреди во вид на огнострелни рани и скршеници на двете потколеници.

Оштетениот паднал на земја, но еден од неговите роднини со својот гасен пиштол преправен како огнено оружје возвратил на пукањето со што предизвикал значителна опасност за телото на луѓето. И за ова лице надлежниот обвинител ќе води постапка, бидејќи постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност, предвидено и казниво според член 288 став 1 од Кривичниот законик, соопштуваат од прес-службата на Јавно обвинителство на Република Македонија.

Од ЈОРМ информираат дека ценејќи дека се исполнети сите законски основи, за двајцата осомничени за обид за убиство, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор.

-Едниот од нив е достапен на органите на прогонот, додека другиот е во бегство. За осомничениот за предизвикување општа опасност, надлежниот јавен обвинител на судот му предложи да определи мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска за повремено јавување кај определено службено лице или надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, соопштуваат од ЈОРМ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...