Ранувањето на економскиот директор на Гинекологија, Ваљон Беља вчера во Чаир од сопартиец, го исфрли на површина целосниот распад на еден од најмоќните разграноци на ДУИ – чаирскиот, предизвикан од крајната нетрпеливост на двете крила. По престрелката, партиски функционери за Плусинфо велат дека ќе бараат лидерот на ДУИ Али Ахмети да го исклучи Беља од партијата, но и негово разрешување од директорската функција во ГАК.
Беља е ранет во нога, а според неофицијални информации, причина за инцидентот била расправија помеѓу него и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
Високи функционери на ДУИ потврдија за Плусинфо дека Беља барал Ганиу да му исплати плати од Општината, каде претходно бил вработен. Нема информација за колку плати станува збор и дали Беља барал освен платата од ГАК и натаму да зема општински пари.
Беља бил ранет пред зградата каде што живее градоначалникот. Ганиу не се симнал на средба со Беља, туку го испратил неговиот шеф на кабинет Е.А., како и , Е.Х. Р.Н. и пукачот кој засега е непознат за јавноста.
Ганиу засега молчи за инцидентот, а официјален став за случувањата во партијата нема ни од ДУИ.
Извори од ДУИ брифираат дека веќе подолг период чаирскиот разгранок не го раководи актуелниот претседател Беќир Асани и потпретседателите Назиф Буши, Беким Незири и Ејуп Адеми. Наводно, тие фигурираат само на хартија како главни во Чаир, особено откако разгранокот на терен го презел вицепремиерот Бујар Османи. Неофицијално, Османи се споменуваше и како директно заслужен за именувањето на Беља за економски директор на ГАК, а наводно во позадина му требал за „валкани работи“. Нашите соговорници забележуваат дека премногу моќ му е дадена на Османи, кој ја координира и работата на министрите на ДУИ во Владата.
Од другото крило негираат дека има недорабирања во чаирскиот разгранок. Повлекувањето на неприкосновениот претседател на чаирскиот разгранок Беќир Асани и потпретседателите го толкуваат со фактот дека им завршил мандатот. Од таму додават дека наскоро ќе почне процесот на именување и избор на структурите на разграноците во пресрет на партискиот Конгрес. Според нив, работите во разгранокот се одвиваат најнормално. Додаваат дека случајот нема партиска позадина и оти нема што партијата да се занимава со инцидентот, туку институциите.
МВР соопшти дека вооружениот напад се случил околу 17.45 часот на улицата „Лазо Трповски“ при што било пукано во В.Б. (40) од Скопје во пределот на десната потколеница. Неофицијално, во него пукало лице кое било заедно со Е.Х., Е.А. и Р.Н. Повредениот В.Б е пренесен во ГОБ „Св.Наум Охридски. Мотивите за нападот не се познати.
Беља од поодамна и е познат на јавноста и по прелетувањето од една во друга партија, но и по инциденти и тепачки. Тој беше член на невладината организација Реалитети, а во 2010 стана лидер на партијата Албански сојуз. Подоцна оваа партија се спои со ДПА на Мендух Тачи, каде Беља беше потпретседател. Откако му пораснаа апертитите и сакаше да го смени Тачи од претседателската позиција, лидерот на ДПА го исклучи од партијата. По ова Беља беше претепан во скопско Кондово од група непознати напаѓачи, по што заврши на Ургентниот центар.
По преминувањето во ДУИ, Беља кој беше вработен во Општина Чаир, во јуни 2016 во канцеларијата на градоначалникот Изет Меџити му остави куршум завиткан во салфетка. По тој инциден бил приведен во полиција и пуштен, а тврдел дека некој го мести. МВР му поднела пријава за загрозување на безбедноста, но за случајот сѐ уште нема разврска.