Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани голем број обичаи и верувања. Очигледно е дека проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, додека огновите, гатањата, карневалите … се остатоци од претхристијанските пролетни забави.
Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.
На Прочка се изведуваат богати обичаи како што се проштевањето (оттука и празникот го добил името), потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници итн. Очигледно е дека некои обичаи како што е на пр. проштевањето имаат христијанска основа, додека другите се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.
Кога станува збор за празникот Прочка не смее да се изостават деновите што му претходат на овој празник. Една недела пред Прочка (поточно во саботата) е Задушница. Саботата пред Прочка во некои краишта на Македонија е познат под името Умрело дете за баничка, во други, само Дете за кора. Тоа е поврзано со легендата за некое сиромашно дете кое гледајќи како богатите секој ден носат сукани јадења на фурната побарало од мајка му да му меси баничка. Мајка му, бидејќи немала брашно постојано го лажела дека следниот ден ќе му меси, а детето чекајќи и плачејќи умрело. За спомен на тој ден и на тоа дете останало на овој ден да се меси баничка, зелник или друга храна и да се раздава.
Од Сирни поклади, односно од Прочка не се јадат и млечни производи со што започнуват големите, долги седум недели, Велигденски пости, што траат до Велигден.
Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што и погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа, секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи итн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!“, на што овој одговара: „Простено да ти е и од мене и од Господа“, или само: „Просто да ви е“. Во некои краишта на Македонија тој што барал прошка носел некаков подарок како портокал, лимон, суво грозје, алва, јајце и др. и во таа смисла во некои краишта портокалот останал како симбол на проштевањето. Во населените места посебен впечаток во вечерните часови на овој ден остава раздвиженоста на населението, кога многумина во групи брзаат да се простат со родителите, роднините, пријателите, а потоа да се најдат покрај богатата трпеза. Останало забележано дека и младите вљубени се проштевале на чешмата со по некој бакнеж, зашто за време на Велигденските пости и бакнувањето се сметало за грев.
Понеделникот по Прочка се вика Чист Понеделник и тогаш започнуваат долгите Велигденски пости. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Овој строг пост трите дена по Прочка се вика Тримери, а самиот чин постење, односно гладување тримерење.