Прочитајте ја историската декларација на Доналд Трамп и Ким Јонг-Ун (ВИДЕО)

Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун потпишаа декларација во Сингапур.

378

Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун потпишаа декларација во Сингапур, која ја објавија агенциите.

Текстот на историската декларација го пренесуваме во целост:

„Претседателите Доналд Трамп и Ким Јонг-ун го одржаа првиот самит на 12 јуни, 2018. Претседателите водеа сеопфатна, длабока и искрена размена на мислења во однос на воспоставување на нови односи меѓу САД и Северна Кореја и за градење на одржлив мир на Корејскиот полуостров. Трамп се обврза да даде безбедносни гаранции на Северна Кореја, додека Ким Јонг-ун вети исполнување на обврските за денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

Убедени дека новите американско-севернокорејски односи ќе придонесат за мирот и просперитетот на Корејскиот полуостров и на целиот свет, со верување дека заемното поттикнување ќе ја промовира денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров, Доналд Трамп и Ким Јонг-ун го изјавуваат следново:

1. САД и Северна Кореја посветено ќе работат за да се воспостават нови односи врз основа на желбата за мир и просперитет на народите на двете држави.

2. САД и Северна Кореја ќе ги здружат силите и ќе градат траен мир и стабилност на Корејскиот полуостров.

3. Повикувајќи се на Декларацијата од Панмунџом, Северна Кореја е посветена на завршување на денуклеаризацацијата на Корејскиот Полуостров.

4. Соединетите Држави и Северна Кореја се обврзуваат во барањето на останките на воените заробеници и исчезнатите војници, вклучувајќи ја и репатријацијата на идентификуваните.

Имајќи во предвид дека самитот меѓу лидерите на САД и Северна Кореја е епохален настан со големо значење кој ги надминува децениските тензии и непријателства, претседателите Трамп и Ким Јонг-ун се посветени на целосната имплементација на горенаведените постулати.

САД и Северна Кореја се посветени на продолжување на преговорите што ќе ќе ги водат министерот за надворешни работи на САД Мајк Помпео и важен државник од Северна Кореја што е можно поскоро, со цел спроведување на договорот од денешната средба.

Доналд Трамп и Ким Јонг-ун се определија за соработка во областа на развојот на американско-севернокорејските односи и развојот на мирот, просперитетот и безбедноста на Корејскиот полуостров и во целиот свет“.

Подготви: А.Ј.

ФОТО: Јутјуб

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...