Проф. д-р Ана Фрицханд: Детето да не игра на таблет подолго од 30 минути дневно

Оваа зависност најчесто се среќава кај адолесценти од машки пол, на возраст од 12 до 20 години, а не е исклучено оваа состојба да се јави и кај помлади од 12 годишна возраст. Повеќе од нужно е да му се објасни на детето, со внимателно одбрани зборови, зошто не може, на пример, да игра на таблетот подолго од 15 до 30 минути на ден и доследно да се почитува оваа временска рамка, дури и кога детето протестира, вели проф. д-р Ана Фрицханд од Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје

2415
Photo: EPA / RUNGROJ YONGRITRUNGROJ YONGRIT

Зависноста од интернет и он-лајн видео игри е препознаена како состојба која е во пораст и во најновото, петто издание на Дијагностичкиот и статистички прирачник за ментални нарушувања (DSM-5), публикуван во 2013 година од Американската психијатриска асоцијација (АПА), па затоа заслужува поинтензивно и подетално проучување. Како што се наведува, лицата кои се преокупирани со он-лајн игрите играат компулсивно, постојано мислат на игрите и тоа како на оние што веќе ги играле, така и на оние што допрва планираат да ги играат. Ваквата упорна, постојана и повторлива он-лајн активност, која станува доминантна активност во нивниот живот, резултира со клинички значително нарушување или вознемиреност, вели во интервјуто за Плусинфо, проф. д-р Ана Фрицханд од Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. 

Таа објаснува дека лицата со оваа состојба го загрозуваат нивното работно место, или имаат послаб училишен успех, не ги обавуваат домашните обврски, ги нарушуваат односите со другите (дури и со најблиските). Во екстремни случаи ги прескокнуваат па дури и занемаруваат основните хигиенски навики и потреби, поради тоа што голем дел од времето го трошат на споменатата активност, затворајќи се во светот на играта. Ова нарушување е категоризирано во третиот дел од Прирачникот, во поглавјето „Состојби за понатамошно испитување“.  

А состојбата е драматична – зависноста оди дотаму што дел од зависниците до себе имаат и празни шишиња, за да не мора да стануваат ниту за во тоалет, а во некои земји, како во Јапонија, почнале да прават и памперс-пелени за тинејџери кои станале зависници од компјутерски игри.

Колку време е потребно некој да стане зависник од компјутерски игри? Дали овие лица манифестираат симптоми на апстиненцијална криза кога некој ќе им го ускрати играњето на компјутер?

За да се постави оваа дијагноза, треба да се следат прецизни критериуми кои се посочени во петто издание на Дијагностичкиот и статистички прирачник за ментални нарушувања (DSM-5), пришто најмалку 5 од вкупно девет критериуми треба да се присутни во однесувањето на поединецот во континуитет, во текот на 12 месеци. Во прирачникот се наведува дека најголем број случаи се регистрирани во Азија, додека во Европа и САД нивниот број е помал, иако, генерално гледано, расположливите статистички податоци се варијабилни. Најчесто се среќава кај адолесценти од машки пол, на возраст од 12 до 20 години. Сепак, не е исклучено оваа состојба да се јави и кај помлади од 12 годишна возраст. Состојбата може да биде блага, умерена или тешка, во зависност од степенот на нарушување на секојдневните активности. Поединците со помалку сериозно нарушување можат да имаат помал број на симптоми и со тоа нивниот секојдневен живот да биде помалку засегнат. Оние, пак, со сериозна форма на нарушување значително повеќе часови поминуваат пред компјутер играјќи и поради тоа се соочуваат со посериозни последици по нивното оптимално функционирање.

Негативно влијае и врз физичкиот развој, но и врз развојот на мозокот

Во Македонија децата и младите поминуваат од 2 до дури 10 часа пред компјутер, на интернет, и секако играјќи игри, според едно истражување. Како на децата и младите да им се предочи опасноста од прекумерното практикување на оваа активност, а да не го разберат тоа како забрана? 

Седењето пред компјутер подолго време во текот на денот има свои негативни последици по здравјето на луѓето, генерално. Кога се работи за децата и адолесцентите, ваквиот седентарен стил на живеење негативно влијае врз физичкиот развој, врз развојот на грубата и фината моторика, врз развојот на мозокот, а засегнати се и другите развојни домени – пред сѐ социоемоционалниот. Колку порано детето биде изложено на долготрајно влијание на електронските уреди, толку поштетни и подолгорочни се негативните ефекти по неговиот/нејзиниот развој. Во стручната литература, на пример, се наведува дека доенчињата (деца на возраст до 2 години) воопшто не треба да бидат изложени на телевизија, таблети, мобилни телефони, ниту компјутери. Во раното детство, односно предучилишната возраст, ваквата изложеност треба да биде сведена на минимум, т.е. да биде мошне ограничена и да се одвива во присуство и под надзор на возрасен. На мало дете, дури и на детето во периодот на средно детство (училишна возраст), му се потребни граници, посебно кога станува збор за времетрањето на изложеноста на електронските медиуми. Притоа, декларативната изјава „сите така прават“ е најпроблематичниот аргумент врз основа на кој родителите/старателите, односно возрасните, би требало да донесат одлука да му дозволат на детето подолго да игра или гледа цртани флимови, клипови и др. Оттука, повеќе од нужно е да се разговара и да му се објасни на детето, со внимателно одбрани зборови согласно неговата возраст, зошто не може, на пример, да игра на таблетот подолго од 15 до 30 минути на ден и доследно да се почитува оваа временска рамка, дури и кога детето протестира. Во почетокот, додека не го усвојат правилото, најголемиот број деца протестираат секогаш кога треба да го остават мобилниот или таблетот, што сепак, не треба да ги поколеба возрасните.

Читајте книги, за и вашите деца да читаат!

Летен распуст е. Основците и средношколците имаат лектири за читање, плус друга литература по избор. Како учениците да се пренасочат од ѕурење во мобилни телефони, таблети, компјутери на читање книги? 

Колку подоцна се започне со поставување на одредени барања за измени во воспоставениот стил на однесување на детето или адолесцентот, толку подолг и потежок ќе биде процесот на менување. Оттука, љубовта кон книгите и навиката за читање треба да почне да се поттикнува уште од најрана возраст. Во тој процес, родителите/старателите имаат клучна улога, бидејќи најпрво тие треба да бидат позитивен модел на однесување кое сакаат да го видат и кај своето дете. Ова поконкретно значи дека детето треба да расте во средина во која книгите активно се користат, каде секојдневно му се чита, каде гледа како возрасните околу него читаат, по што тоа самото ќе ги разлистува сликовниците, а откако ќе го усвои читањето и самостојно ќе чита. Ако се надоврзам на одговорот на претходното прашање, јасно е дека станува збор за два тесно поврзани процеси – колку повеќе му се дозволува на детето уште од најрана возраст времето да го поминува со таблет или мобилен во раце, толку помалку време ќе му остане за читање и други конструктивни активности и обратно. Значи, станува збор за избор кој во почетокот го прават возрасните  (не)дозволувајќи прекумерно користење на електронските уреди, а потоа детето, учејќи по модел, самостојно почнува да избира. Оттука, од исклучителна важност е детето да научи правилно да избира, што се учи и поттикнува уште од најрана возраст.

Затајува и комуникација, контакт, соработка, емпатија

Ако се претера со седење пред компјутер, детето ќе нема време да спортува, да игра со другарчињата, да шета во природа. Како кусокот на овие активности, а доминацијата на комјутерите, влијае врз психичкиот развој на децата? 

Како што споменав и претходно, последиците се штетни и долгорочни, а ефектите негативни. Сѐ што се прави прекумерно и претерано, му штети на психичкиот развој. Освен што затајува доменот на физичкиот развој, затајува и развојот на социјалните и емоционалните вештини, за чие зацврстување е потребна интеракција со другите во реални ситуации, односно комуникација, контакт, соработка, практикување на помагање, упразнување емпатија и слично. Негативните ефекти се гледаат во голем број различни аспекти, меѓу кои се пониска самодоверба, пониска емоционална зрелост, пониска одговорност и подготвеност таа да се прифати, недоволно развиени морални емоции, редефинирање на квалитетот на интерперсоналните релации итн.

И како се лекува оваа зависност?

Постоечките релевантни податоци покажуваат дека сѐ уште нема доволен број емпириски истражувања кои би дале целосен увид во причините за јавување, сложеноста и креирањето универзален третман на оваа состојба. Според некои автори, истата треба да се третира како и другите видови зависности, но нема консензус околу тоа кој тип на психотерапија дава најдобри можни резултати, ниту пак колку време е потребно за да се разреши наведената состојба. Се споменуваат различни психотераписки приоди, како на пример, когнитивно бихејвиоралната терапија, семејната и системска психотерапија, но и други. Сепак, важно е на секој случај да му се пристапи поединечно, во зависност од времетраењето, степенот на сложеност на состојбата, возраста и низа други значајни фактори и да се изнајде начин кој за детето или адолесцентот ќе биде најделотворен, во насока на враќање на неговото оптимално функционирање во секојдневниот живот и негов  непречен натамошен развој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...