Со воведувањето на рота вирус вакцината децата ќе бидат заштитени од најчестите рота вирусни инфекции кои предизвикуваат огромен проблем кај децата до две години со особено изразени дијареи (проливи), дехидратација и други компликации. Рота вирусите се причинители за околу 25 отсто од заболувањата со дијареи кај децата до 5-годишна возраст и се една од главните причини за морбидитет и смртност во светски рамки, вели во интервју за Плусинфо проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Националниот Комитет за имунизација и професор по фармацевтска хемија на Фармацевтскиот факултет во Скопје.
Таа е и специјалист за испитување и контрола на лекови, а од пред две години ѝ е даден „жешкиот костен“ во рацете – како претседателка на Комитетот за имунизација, проф. д-р Грозданова „специјализира“ и на друго поле – на враќање на довербата во вакцините, која во последниве години е разнишана кај многу родители во Македонија.
Од кои непријатни изненадувања ќе бидат заштитени децата кои ќе ја примат новата вакцина против пневмокока, која, заедно со таа против рота вирусот, од вчера почнаа да се даваат во советувалиштата, а инаку не се задолжителни?
– Пневмококната вакцина ќе заштитува од инфекциите со бактеријата стрептокок пневмоние која предизвикува чести заболувања, особено кај малите деца и тоа инфекции на увото, синусите, воспаление на белите дробови, но и тешки компликации како воспаление на мозочните обвивки (менингитис) и инвазивни пневмококни инфекции. Помалите деца до двегодишна возраст, како и новороденчињата, имаат голем ризик за појава на овие заболувања. Оваа инфекција се јавува многу често кај децата што посетуваат градинки, како и кај деца со намален имунитет. Воведувањето на оваа вакцина беше особено позитивно примено од страна на педијатрите, а според првичните информации кои тие ни ги даваат и родителите се информирани и заинтересирани за оваа вакцина, која е во календарот за имунизација во многу држави во светот, вклучувајќи ги државите од Западна Европа, но и Словенија, Бугарија и Србија.
Овие две вакцини повеќе години се присутни во голем број земји, рота вакцината се користи во 97 земји, а пневмококната во 140 земји во светот. Најопасни се инфекциите со рота вирус кај малите деца од 6 до 24 месеци и може да дадат тешки компликации. Многу држави во светот, вклучително и државите од Западна Европа, ја имаат во својот календар за вакцинација. Нашите педијатри често во својата пракса ја гледаат оваа патологија и беа децидни дека повеќе од потребна е заштита со вакцина од овој вирус.
Препораката за воведување на овие вакцини е и од меѓународните организации, СЗО и УНИЦЕФ, а на национално ниво, таа е дадена од Комитетот за имунизација и експертите педијатри. Горди сме што овие две вакцини веќе се присутни во нашите здравствени домови и се надеваме дека бенефитите од нивната употреба ќе бидат повеќе од евидентни.
Проф. д-р Грозданова, Вие сте и Национална координаторка за вакцинација и претседателка на Комитетот. Колку децата во Македонија, со последните две вакцини, се заштитени во однос на нивните врсници во европските земји?
– Во последните неколку години следиме постојан тренд на опаѓање на опфатот на вакцинацијата во РС Македонија, поради повеќе фактори. Покрај антивакциналните движења, генералната недоверба на населението во јавно здравствените политики, нетранспарентноста за начините на набавка и квалитетот на вакцините што се користат и, секако, влијанието на информациите добиени од интернет, имаат голем удел во ваквата состојба. Одговорноста треба да ја преземеме и ние, здравствените работници, кои бевме недоволно гласни и аргументирани за овие прашања. Ваквата состојба ги доведува родителите во дилема и голем дел од нив потпаѓаат под влијанието на социјалните медиуми, преплавени со неточни информации за имунизацијата. Во моментов, со воведување на двете нови вакцини имаме најсовремен календар за имунизација, обезбедивме задоволување на најригорозните барања во однос на нивниот квалитет и безбедност, а се активираше и електронската евиденција за примени вакцини. Со овие чекори, се надеваме дека ќе го вратиме високиот опфат со вакцинацијата и колективниот имунитет.
Дали има можност овие вакцини да станат дел од повеќевалентните? Или мора посебно да се примаат?
– Овие две вакцини се примаат како поединечни вакцини, рота вакцината во облик на раствор кој се дава детето да го испие, а пневмококната со инјектирање. Пето и шестовалентните вакцини се даваат истовремено, но како одделни вакцини.
Кои се вообичаените несакани реакции од овие две вакцини?
– Како и за другите вакцини, несаканите реакциите се многу ретки, но секако можни. По примање на пневмококната вакцина може да се јави болка и црвенило на местото на инјектирање, благи симптоми на треска, температура, намален апетит и поспаност, но доколку се јават овие симтоми се брзо минливи. Во однос на рота вирус вакцината, можна е појава на дијареа и повраќање, треска и болки во стомакот. За сите овие симптоми родителите треба да бидат информирани и советувани од лекарите и педијатрите и доколку се појават, истите да ги пријават, објаснува проф. д-р Грозданова.
А кои деца не смеат да ги примат?
– Апсолутни контраиндикации за непримање на вакцина се исклучително ретки. Состојби на имунокомпримитиран имунитет, друга болест која влијае на имуниот одговор, потврдени алергии со изразен карактер кон некоја од компонентите на вакцината се состојби при кои треба да процени дали детето треба да ја прими вакцината.
Родителите, по прогласување епидемија на морбили во неколку града во земјата, но и предтоа, се „бомбардирани“ со совети да ги вакцинираат децата, но и од можноста од парични казни и прекршочни пријави, ако не ги имунизираат. А уште има многу родители кои одбиваат вакцинација и со МРП, но и со други вакцини од задолжителниот календар. Што би им препорачале за новите вакцини?
– Ги разбирам и родителите, секој го посакува најдоброто за своето дете и секако дека се грижи за можните несакани реакции од вакцините. Сочувствувам и како здравствен работник и како родител со семејствата што имаа прашања во однос на вакцините, но мора да знаеме дека не постои апсолутно сигурен лек. Сепак, вакцините се едни од најбезбедните лекови и бенефитот што го имаат секако е многу пати поголем од изразено ретките несакани реакции од истите. Министерството за здравство правовремено ги презема сите чекори, вклучително и забрана за прием на невакцинирани деца во градинките, мерка која резултираше со спречување на појава на морбили по градинките. Ваквите, можеби не толку популарни мерки, кои беа и критикувани, верувајте дека заштитија огромен број деца сега да не бидат заболени од морбили.
Задолжителната вакцинација е услов за запишување во градинка и во училиште и според моменталните законски одредби на Македонија, но и поради одредени отстапки, и децата што не се вакцинирани, се примаат во училиште. Но, на таков начин и со севкупниот пад на опфатот на имунизација, се доведува во прашање намалувањето на колективниот имунитет, што е единствен услов за успешна превенција на овие инфективни болести. Во тој случај, сите ги доведуваме во опасност, а уште повеќе оние што поради возраста или здравствената состојба, не се вакцинирани.
Често се споменуваат државите во чија здравствена политика не е наложено задолжителното вакцинирање. Но, во истите тие земји, во ниту една државна институција не можете да го запишете вашето дете, ако ги нема примено вакцините од редовниот календар. Во моментот кога ќе почнете да ги користите услугите на државата, вие не можете да правите што сакате. Ова е така во сите држави членки на Европската Унија. Еве еден пример – во Холандија, 90 отсто е опфатот со вакцинација, иако е незадолжителна, а речиси идентично е и во останатите развиени земји. Тоа е токму поради тоа што населението во високо развиените земји го препозна бенефитот од имунизацијата, како една од основните јавно-здравствени придобивки. Значи, вакцинацијата не е задолжителна, родителите можат да си носат лична одлука, но во првиот момент кога детето влегува во системот како прием во градинка или училиште, тогаш приоритет е колективниот, односно јавниот интерес. Во тој момент, колективното здравје е поважно од личното – нагласува проф. д-р Грозданова.
Едно од (не)оправданите стравувања на родителите е дали вакцините се квалитетни и дали ги набавуваме од истите производители од кои ги набавуваат и за децата во Франција, Велика Британија, Холандија, на пример. Или можеби има и „втора линија“ на производство на вакцини, наменета за граѓаните во „трети земји“?
– Една од состојбите која можеби и најмногу влијела на губење на довербата во имунизацијата е нетранспарентниот начин на набавка на вакцините, којшто го доведуваше во прашање и квалитетот на истите. Токму затоа, при набавката на овие вакцини приоритет беше да се задоволат најригорозните барања во поглед на квалитет и безбедност. Овие вакцини се од реномирани европски производители, со комплетно досие и сертификати за нивниот квалитет. Информациите кои се вакцините и од кои производители се јавно достапни на интернет страната на Министерство за здравство и на Агенцијата за лекови МАЛМЕД. Овие вакцини повеќе години се користат во најголем дел од европските земји и истите сега се достапни и во нашата држава и не станува збор за помалку квалитетни вакцини.
Со каква лабораторија за контрола на квалитетот на лековите и вакцините располага Фармацевтскиот факултет во Скопје, каде и Вие работите? Ги испитуваме ли и таму вакцините што ги увезуваме или анализата оди преку МАЛМЕД ?
– Целокупниот процес на контрола на влезот на вакцините оди преку јасно дефинирани процедури на ниво на Министерство за здравство и МАЛМЕД, кои обезбедуваат следење на начиот на кој пристигнуваат вакцините, следење на „студениот ланец“ кој е задолжителен за вакцините, како и обезбдување на сите сертификати кои го потврдуваат начинот на производство, контролата, квалитетот и безбедноста на вакцините. Задолжителен дел од ова досие е и т.н ОЦБР сертификат кој го издава овластена европска контролна лабораторија, кој е највиска потврда за квалитетот на вакцините. Оваа постапка со севкупната документација се спроведува при прием на секоја серија на секоја од вакцините кои се внесуваат во државава и во овој сегмент нема никакви отстапки.
Во изминатата година многу се направи во овој дел – имаме најсовремен календар за имунизација, обезбедивме да се внесат сите најнови вакцини со најригорозни барања во однос на нивниот квалитет и безбедност и се активираше електронската евиденција за примени вакцини. Останува на нас да продолжиме посветено да работиме, да соработуваме со родителите, да го вратиме високиот опфат со вакцинацијата и колективниот имунитет. Само така ќе ги почувствуваме придобивките на имунизацијата како основна јавно здравствена мерка и дел од здравствена култура на секоја современа држава.