Повеќето луѓе добро ја разбираат политиката. Со секој нечесен чекор што го прават политичарите, довербата се топи и револтот расте. Можеби политичката култура не е на високо ниво, но доволно е развиена за да се согледаат вистинските потреби и вредноста на стратешките интереси на општеството и државата.
ВМРО-ДПМНЕ ќе легне на брашното, но само навидум. Ќе го поддржи референдумот, се разбира, на пола уста. Си скокна во уста Мицкоски, ама само со едната нога, за да не испадне дека потполно капитулирал под притисок на домашната и светската демократска јавност, но и под притисокот на демократите во партијата во која тој служи како декорација од лидер.
Партијата е разединета до таа мерка што, без оглед на официјалниот став што ќе го заземе оваа дискредитирана партија, нема да има посебен ефект врз одлуката на нејзините членови. И онака голем дел од нив ќе гласаат на референдумот, многумина и ЗА, а оние што решиле да бојкотираат, повторно нема да им значат многу изјавите за јавноста. Тие ќе следат инструкции од оние што ги плаќаат или успеале да ги убедат бесплатно да работат против сопствената земја.
Многу е веројатно и тоа дека верните поддржувачи на Фамилијата чиј гласноговорник е Мицкоски, ќе добијат поинакви насоки за гласање на 30 септември, можеби и сосема спротивни на јавната декларација. „Остајте што зборам пред странците, морав така, терајте по старо“ е пораката што се дистрибуираше преку послушната партиска пешадија и порано, кога требаше да се донесат важни одлуки во земјата. Не е исклучено тоа да биде случај и сега, во пресрет на референдумот што со право се споредува со оној од 1991 година, кога Македонија стана самостојна држава.
Овој пат, речиси на време, се јави и МАНУ, мастодонтска институција што одбира да молчи во пресудни периоди за општеството и државата, божем независна институција што тивко соработуваше со криминалниот режим на Фамилијата и удобно ги цицаше големите привилегии што ги ужива, практично, од секоја власт. Добро, не беше секогаш молчалива, па во 2001 година предлагаше размена на територии и население со Албанија, а се „прослави“ и со скапиот проект „Македонска енциклопедија“ во 2009 година што мораше да ја повлече од продажба и од јавноста, поради тешките политички и научни трансгресии во неа, сега се на страната на референдумот. Опортунизмот на оваа структура нема граници.
Медиуми, интелектуалци, политички партии, пратеници, невладини организации што со години молчеа или отворено соучествуваа со автократијата и криминалот на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, сега се во големото проевропско јато. Не сите разбираат на кој начин Спогодбата со Грција е клучот за напредокот на Македонија, според која не само што излегуваме на брзата лента кон НАТО и ЕУ, туку се решаваат и идентитетските прашања. Ним тоа не им е ни важно. Но, разбираат или насетуваат дека тоа е определба што ќе им донесе и лични, политички и кариерни придобивки. И тоа е в ред. Нема да биде в ред ако добијат аплауз и се исценкаат за нови позиции во структурите на моќта. На сметка на сите граѓанки и граѓани…
Да завршам со ВМРО-ДПМНЕ и #МицкоТакис. Нема зошто да им аплаудираме за одлуката да го поддржат референдумот. Што и да направат сега, во фото финишот пред големата одлука, нема да ја поправат штетата што ја нанесоа до сега. Покажаа дека се крајно лицемерни. Предат како мачиња и коленичат зад затворени врати, а надвор сакаат да глумат лавови. Не оди таа работа. Гледаат луѓето.
Бојкотирачите, тие гротескни губитници, го губат своето тло. Слушам дека политичките спонзори го намалиле протокот на пари и дека не успеваат да соберат пари од алтернативни извори, бидејќи на госпожата задолжена за прибирање фондови слабо ѝ оди. Ќе мора да работат бесплатно во деновите до референдумот. Или да го следат примерот на профитерите. Тоа е.