Професор по меѓународни односи од Мајами, Флорида и коавтор на книга за организиран криминал е уапсен под федерални обвиненија за перење пари од корупција во Венецуела.
Брус Бегли (73) е обвинет за заговор за перење перење пари стекнати со криминал и се соочува со казна до 20 години затвор.
Неговиот адвокат изјави дека е убеден дека Бегли ќе биде ослободен.
Бегли е коавтор на книгата „Трговија со дрога, организиран криминал и насилство во Америка денес“, објавена во 2015 година, и претходно сведочеше пред американскиот Конгрес како судски експерт и беше интервјуиран од бројни медиуми.
Шефот на канцеларијата на ФБИ во Њујорк, Вилијам Свини, изјави дека Бегли заработувал пари со помагање на други да перат пари.
– Единствената лекција што може да се научи денес од професорот Бегли е дека вмешаноста во корупција, мито и проневера води до обвинение – рече тој.
Обвинителот Џефри Берман сведочеше дека Бегли отворил банкарски сметки со намера перење пари од корумпирани странци.
– Парите, што Бегли наводно ги перел се заработени со подмитување и корупција, украдени од граѓаните на Венецуела – рече Берман.
Во обвинението се тврди дека Бегли од ноември 2017 година до април 2008 година се согласил да прими околу 14 исплати од сметки во Швајцарија и ОАЕ, за вкупна вредност од околу 3 милиони американски долари.
Како што е наведено, професорот најголем дел од парите ги префрлал на сметки на други лица за да прикрие извор на парите. За себе задржал провизија од 10 отсто.