Професорке Силјановска, внимавајте да не се избербатите!

Во текот на преткампањата и кампањата, како што ја предупредив, Силјановска ќе биде клеветена, навредувана и повредувана, а шансите да биде поразена се огромни. Тоа не значи дека самата таа треба да се спушти на едно такво ниво на дебата, па дури и да го форсира. Ова е голем испит и за нејзиниот личен морален интегритет.

5393

Претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска, упорно и донекаде со право јавно протестира поради тоа што на јавната сцена е дочекана со неприфатливи навреди и етикети, кои опасно го спуштаат нивото на дебатата. Додуша, немавме баш прилика со неа добро да се разбереме што е навистина неприфатливо, а што е легитимно оспорување на нејзиниот кредибилитет и на нејзините капацитети да биде претседателска кандидатка, а утре можеби и претседателка на државата.

Јас, на пример, проблематизирав некои ноторни факти што професорката ја прават целосно неподобна кандидатка за шефица на државата, освен ако таа не наумила да ја подели својата личност на два дела, па со едниот да го забавува своето потенцијално гласачко тело со приказни како ќе издејствува „остав“ за членството на Македонија во НАТО под новото име, а со вториот дел утре со радост да ја претставува Република Северна Македонија, што ќе биде нејзината основна уставна надлежност.

Дел од медиумите легитимно го поставија и прашањето за нејзиното политичко минато (поврзаноста со Соросовата фондацијата, на пример, што никако не оди заедно со политиката на партијата што ја кандидира за претседателка). Дури и прашањето за нејзините физички способности да ја издржи кампањата и утре евентуално да „шефува“ со државата е легитимно. Од друга страна, пак, добар дел од јавноста како невкусни и целосно неприфатливи ги отфрли потсмешливите коментари во врска со нејзиниот изглед, кој наводно покажува сериозна физичка слабост.

Очекував, значи, професорката Силјановска да се спротивстави на ваквите навреди и бев спремен високо да го кренам копјето и да застанам во нејзина одбрана, но само ако таа исполнеше два услова: од една страна, да го потенцира фактот дека е прва жена кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата; од друга страна, со своето поведение и особено во своите јавни настапи, да покаже висок степен на морален интегритет на личноста.

За жал, со разочарување морам да објавам дека професорката веќе падна на двата испита, иако не велам дека нема да има и поправни.

На мое изненадување, таа во својот промотивен говор на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на обрна речиси никакво внимание дека може да се случи да стане првата жена претседател на Македонија. Тоа својство (жена претседател) по природата на нештата би морало да носи и извесни новини во нејзината политичка агенда. Јас такви не слушнав. А Силјановска веројатно е свесна за фактот дека нејзиниот пол и нејзината физичка инфериорност во однос на потенцијалниот „мачо“ противкандидат не е нејзин хендикеп, туку обратно – факт што таа може да го престори во значајна предност во трката.

Уште поголемо и за мене потажно изненадување е нејзиниот обид да ја злоупотреби трагедијата кај Ласкарци, за да побара политичка одговорност за загубата на 15 човечки животи. Првиот македонски министер за транспорт и врски, Антонио Пешев, направи преседан, поднесувајќи оставка по трагедијата на авионот на „Палер“ во 1993 година. Оставка се бараше и по бродоломот во Охридското Езеро во 2009 година, кога загинаа 15 лица. Сепак, станува збор за трагедии што по својот облик и фреквенција на некој начин се „ексклузивни“. Авионски несреќи и бродоломи нема секој ден. Наспроти тоа, за жал, сообраќајки на нашите патишта се случуваат често. Тоа не ја исклучува евентуалната политичка одговорност за онаа кај Ласкарци, но упатно е прво да се сочекаат резултатите од истрагата. Тоа важи за сите, а би морало да важи и за Силјановска, без оглед колку таа е егзалтирана од сето она што ѝ се случува.

Претседателската трка ќе биде мачна, исцрпувачка, можеби и со многу недозволени фаули. Покрај сите критики со кои ја опсервираме власта – а таа упорно ни дава поводи и причини да ја критикуваме – нејзиниот кандидат, особено ако биде (етнички) консензуален, ќе биде апсолутен фаворит. Јас ја предупредив Силјановска на моето неразбирање на нејзините мотиви да влезе во трка во која шансите да биде поразена (патем и клеветена, навредувана и поведувана) се огромни. Нејзината одлука сепак да се впушти во оваа авантура ја разбирам и како израз на спремност да се соочи и со таквите предизвици.

Затоа, ѝ посакувам во текот на нејзината веројатно краткотрајна мисија (за што и да е), барем да издржи да не се избербати самата себе. И тоа ќе биде голем резултат.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...