Професорка, блогерка и маж од Австралија во затвор во Иран

153

Две жени со двојно британско-австралиско државјанство и еден Австралијанец се приведени во Иран, а една од жените е осудена на 10 години затвор, соопшти австралиската Влада.

Австралиското Министерство за надворешни работи и трговија соопшти дека им дава конзуларна помош на нивните семејства и наведе дека не може да објави дополнителни коментари поради обврската за приватност.

Министерството исто така ги повика Австралијанците да ги следат неговите совети за патување кои вклучуваат предупредување дека странците ризикуваат арбитрерно затворање во Иран.

Како што пренесува весникот „Тајмс“, осудената жена е професорка која студирала на Кембриџ и држела предавања на австралиски универзитет. Според весникот, не се знае за што е осудена, а во затвор е веќе една година.

Втората жена е блогерка, која заедно со нејзиниот дечко се приведени пред десет недели кога патувале низ Азија.

Иранските власти соопштија дека блогерката ја држат како дел од планот за олеснување на размената на затворениците со Австралија.

Австралиската Влада и медиумите не ги објавија имињата на приведените.

Неколку странци, од кои повеќето се двојни државјани, се наоѓаат во затворите во Иран. Тие затворања претставуваат средство за притисок од Техеран во контекст на влошување на односите со западните земји по едностраното повлекување на САД од иранскиот нуклеарен договор склучен во Виена во 2015 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...