Од утре, Владата на Република Македонија организира серија јавни дискусии со експертската јавност и со граѓаните во врска со нацрт-амандманите за измени на Уставот на Република Македонија, со цел инклузивност во историскиот процес за обезбедување на европската и евро-атлантската иднина на Република Македонија, известуваат од Владата.
Утре, на 5.12.2018 година, со почеток во 16:30 часот, во Свечената сала во Владата на Република Македонија, ќе се одржи првата јавна дискусија, а говорници ќе бидат премиерот Зоран Заев и универзитетските професори, проф. Д-р. Владо Поповски и проф. Д-р. Љубомир Фрчкоски.
В четврток на 6.12.2018 година со почеток во 12:00 часот јавна дискусија ќе се одржи во Универзитетот ФОН. Говорници ќе бидат премиерот Зоран Заев, ректорот на ФОН универзитетот, проф. Д-р. Нано Ружин и универзитетскиот проф. Д-р. Темелко Ристевски. Дискусијата ќе ја отвори и воведе деканката на правниот факултет, Сејдефа Џафче.
В петок, на 7.12.2018 година со почеток во 10:00 часот, во Македонска академија на науките и уметностите ќе се одржи третата јавна дискусија. Говорници ќе бидат заменик-претседателот на Владата на РМ задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи на РМ, Никола Димитров, академик проф. д-р. Владо Камбовски и универзитетскиот проф. д-р. Светомир Шкариќ. Дискусијата ќе ја отворат академците Таки Фити и Владо Камбовски.
В понеделник во 10:00 часот во Штип и во Тетово ќе се одржат 4-тата и 5-тата јавна дискусија. Во Општина Штип говорници ќе бидат премиерот Зоран Заев, судијката Маргарита Цаца Николовска и универзитетскиот проф. Д-р. Ѓорѓи Спасов. Дискусијата ќе ја отвори и воведе градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.
Во јавната дискусија во Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, говорници ќе бидат заменичката на претседателот на Владата на РМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменикот на претседателот на Владата на РМ задолжен за европски прашања, Бујар Османи, универзитетската професорка Д-р. Беса Арифи и универзитетскиот проф. Д-р. Блерим Река. Дискусијата ќе ја отвори и воведе ректорот на УЈИЕ, проф. Д-р. Абдулменаф Беџети.