Протуѓер на Јанакиески: Амбасадорите и конзулите да одат од врата на врата

По барање на Специјалното јавно обвинителство, седум од вкупно 1.063 -те „бомби“ ќе бидат слушани без присуство на јавноста бидејќи во нив има приватни разговори.

1146

Во Кривичниот суд заврши денешното рочиште на кое беа слушани „бомбите“ за предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство во кој се обвинети неколку поранешни функционери за изборите во 2012 година.

Во дел од „бомбите“ беа слушнати разговори меѓу поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, Мартин Протуѓер, шеф на Кабинетот на поранешниот премиер и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски во кои разговараат како да се анимираат гласачите во дијаспората за изборите што се одржаа во 2012 година.

– Само 30 луѓе се пријавени – му вели Миле Јанакиески на Мартин Протуѓер.

На тоа тој одговара:

Што збориш бе? Дали е доволно на секој континет по 1.000 луѓе? Јавувај се по амбасади, задолжи ги сите амбасадори и конзули да одат од врата до врата. Таму сите се во гето.

Тие се договараат да бидат обезбедени по 70 луѓе.

Во „бомбите“ се слуша и  договорот како да се обезбедат законските 1.000 гласови од дијаспората за избор на еден пратеник.

– Да се врти во секое македонско друштво и таму да се назначат по двајца кои ќе вртат и ќе им спремаат на луѓето да пополнат формулари. И плус амбасадорите и конзулите да одат од врата на врата, во сите амбасади да има кол центар – вели Протуѓер.

Во обезбедувањето гласачи од дијаспората, според разговорот, биле ангажирани и економските промотори.

Судењето беше прекинато поради мајчински права на Јанкуловска и ќе продолжи утре со слушање нови бомби.

По барање на Специјалното јавно обвинителство, седум од вкупно 1.063 -те „бомби“ ќе бидат слушани без присуство на јавноста бидејќи во нив има приватни разговори.

Одбраната денеска бараше „бомбите“ воопшто да не бидат пуштени и ги оспори како валиден доказ.

За предметот „Титаник“, од страна на СЈО поднесени се 5.910 материјални докази и предложени 191 сведок.

Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...