Се зголемува бројот на заболени од рак. Раното дијагностицирање е примарна задача, но и имплементирањето на националните скриниг програми. Со навремени прегледи ракот може да се дијагностицира во ран стадиум, кога е и поголема успешноста во лекувањето, истакна денеска претседателот на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“, Биба Додева на панел дискусијата во рамки на одбележувањето на 4 февруари, Светски ден за борба против рак.
Посочи дека се набавени мамографи и изрази надеж дека овој тренд на чекање по неколку месеци за снимање наскоро ќе се надмине.
– Почнато е функционирањето на работната група на Националниот регистар за канцер, првпат во Македонија. Оној момент кога ќе го имаме регистарот ќе можеме да ја знаеме точната статистика за бројот на заболени, рече Додева.
На панел дискусијата учествуваше и министерот за здравство, Венко Филипче, кој рече дека годинава ќе се спроведе групната набавка на лекови која ќе опфати и цитостатици што досега не биле на позитивната листа. Појасни дека целта е да ги има во континуитет за сите пациенти со специфични малигни заболувања односно нова т.н. имунотерапија и очекуваат околу 40-тина нови молекули.
– Ги зајакнуваме капацитетите во смисла на поставување регистар за малигни болести, првпат во нашата земја, како за пациентите во болница, така и за пациенти на ниво на нивното место на живеење. Превенцијата е исклучително важна и во таа смисла почнуваме набавка на осум мамографи за јавно здравствени институции ширум земјата, со што значајно ќе го подобриме капацитетот за правење мамографија и програмата за превенција на ова заболување. Инвестиравме и во многу нови вакцини, а тоа е вакцината за ХПВ, а во следниот период ќе ја имаме и четиривалентната вакцина со што може да се превенира појава на карцином на грлото на матката, додаде Филипче.
Директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, истакна дека минатата година била многу успешна за Клиниката, бидејќи била укината партиципацијата за малигни болни, но и поради набавката на лекови, која се надева ќе биде двегодишна и ќе нема пауза во примањето терапија која годинава ја зголемиле за над 30 нови лекови.
– Достапноста на тие лекови ќе биде континуирана. Имаме нови лекови за рак на бели дробови, на дојка, кои порано биле незамисливи и ќе ги има континуирано, додаде Васев.
Директорката на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска-Ставридис рече дека биле реновирани капацитетите на Клиниката, потоа била набавена нова иновативна терапија за голем дел од пациентите со малигни хематолошки заболувања, а бил воведен и нов метод во македонското здравство – несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки.
– По потпишувањето на меморандумот за соработка со Детската клиника беа отстранети правните пречки и Клиниката почна да дава услуги на несродна трансплантација и за пациенти помлади од 14 години, додаде Пановска-Ставридис.
Директорката на Клиниката за детски болести, Катерина Ставриќ посочи дека бил направен напредок во третманот и дијагностиката на деца со малигни заболувања, минатата година кадровски се зајакнале и недостигот на медицински сестри го решиле со вработување на осум медицински сестри на Хематоонколошкиот оддел, а имало и преземање психолог кој заедно со другиот мултидисциплинарен тим од Клиниката активно се вклучил во работата со децата и со родителите.