Молотов коктел е фрлен кон Собранието, но не се запали, за време на протестите против промената на името. Беа фрлени и флаши кон полицијата, а оддекнаа и шок бомби. По ова на еден од присутните му се слоши и беше однесен со Итна помош.
Демонстрантите фрлаа и други предмети кон Собранието.
Протестот уште трае. Дел од присутните држат запалени факели и пеат патриотски песни. Беше испратена порака дека Македонија ќе гори од Гевгелија до Скопје.
Парламентот го штити полиција. Насобраните од здуженијата Семакедонски национален совет – Македониум, Христијанско братство и од навивачи Комити извикуваа „Едно име имаме – Македонија“ и „Оставка“ и пееја патриотски песни.
Страшо Олумчев, претседател на Семакедонски национален совет – Македониум за медиумите изјави дека се собрале спонтано и дека собирот е израз на револт за она што се случи вчера.
Потенцира дека право за одлука за национални прашања има само македонскиот народ и никој друг и дека денешниот собир е само предупредување.
– Со прес-конференцијата Зоран Заев го навлече бесот на македонскиот народ. Се договоривме веднаш да илеземе на улица и да протестираме. Заев ја помина линијата до каде што може да оди, без разлика дали е премиер или не. Со ова се плука на АСНОМ-ска Македонија, се плука на Уставот на Република Македонија – изјави Олмчев, според кого не треба да има референдум затоа што, рече, се знае кои се идентитетот и името. Повика дека се уште има простор и време премиерот Заев да се откаже од договорот, додека не се ставени потписи.