Протест на судската администрација во сите судови низ државата

173

Судската администрација во сите судови низ државата денеска од 9:30 до 11 часот ќе протестира изразувајќи незадоволство од состојбите во судството. Вработените ќе протестираат против одлуките на Судскиот буџетски совет за нерамномерно зголемување на додатоците на плата за судиите и судските службеници и за недонесувањето конечна одлука за исплата на платите за дел од вработените што учествуваа во штрајкот во 2016 година.

Имено, со одлука на Судскиот буџетски совет додатоците на плата за судиите се зголемени за 10 проценти, а за судската администрација и помошно-техничкиот персонал за пет проценти.

– Како прво предупредување одиме со протест, но доколку не наидеме на разбирање, не можам да кажам што ќе одлучат нашите членови. Јас сум должен како претседател да го слушам нивното мислење. Ако сметаат дека не се задоволни од она што ќе го добиеме како одговор и предлагаат штрајк, јас сум должен тоа да го реализирам – изјави вчера претседателот на УПОЗ, Пецо Грујовски.

Од УПОЗ бараат да имаат и свој претставник во Судскиот буџетски совет и во Советот на судска служба, како и поинаква дефиниција на позицијата на судската служба.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...