Протест за декриминализација и легализација на канабисот

89

Пред Основниот суд денеска се одржа протест каде што членови на здруженија за легализација и декриминализација на канабисот во рекреативни цели, го поддржаа Филип Достовски, активист и претседател на здружението за легализација на канабис „Зелена алтернатива“, пред неговото судско рочиште.

Достовски е обвинет за одгледување и продажба на канабис. Неговиот адвокат Сашо Дуковски на првото судско рочиште рече дека Филип не бил дилер, а марихуаната која била пронајдена кај него ја користел за да ја лечи болеста.

Одбраната побарала вештачење од Фармацевтскиот факултет за да се утврди дека маслото кое го изработувал Филип не содржело опојна дрога, како што е наведено во обвинението.

Дуковски рече дека станува збор за див коноп распространет во цела Македонија.

– Со вештачење ќе се утврди и дека најдената количина не е опојна дрога, а дури и да има постоење на опојна дрога, не може да се третира како кривично дело – посочи Дуковски.

Достовски се изјасни дека не се чувствува виновен и оти канабисот го користел за лекување, како и дека од него побарале помош многу луѓе кои имаат здравствени проблеми.

Следното рочиште за изнесување на доказите е закажано на 9 септември.

Филип е обвинет во јули 2016 година кога во неговиот дом при претрес се пронајдени 8 милилитри масло од хашиш, 238 грама марихуана и 54 грама семки од канабис.  Според обвинителството, поседувал и пуштал во употреба наркотични дроги и психотропни супстанци, а според кривичниот закон не е дозволено производство на маслото од канабис, само е дозволена неговата употреба во медицински цели.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...