Протест во Солун против договорот со Македонија

307
ФОТО: STR/EPA

Со мали инциденти, пред канцелариите на Независни Грци, заврши вчерашниот протест во Солун, против договорот меѓу Македонија и Грција, јавија локалните медиуми.

Преку социјалните мрежи, група под името „Обединети Македонци“ го организираше протест и ги повика граѓаните да учествуваат без партиски обележја, само со грчките знамиња.

Протестот започна од Белата кула во центарот на Солун, а продолжи низ улиците, додека насобраните граѓани извикуваа слогани против владата, но и дека Македонија е грчка.

Во текот на протестот, демонстрантите застанаа пред конзулатот на Република Македонија и пред американската амбасада, па продолжија кон канцелариите на СИРИЗА и Независни Грци.

Пред канцелариите на Независни Грци, мала група маскирани лица, ги нападна полициските сили со дрва и камења, а полицајците одговорија со солзавец. Инцидентот траеше кратко, страстите се смирија, а протестот продолжи и заврши мирно онаму каде што и започна – пред Белата кула.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во изјава за грчката новинска агенција АНА –МПА еден од петтемина организатори вели дека го исполниле нивното демократски право, отворено да го изразат нивното несогласување за договорот од Преспа.

– Нашата цел беше да се слушне гласно дека Солун не се согласува со конкретниот договор, вели Димитрис Зиабазис, еден од организаторите, за АНА-МПА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...