Активисти ќе маршираат за кучешките права, глутници царуваат во Скопје

1285

Протестен марш под мотото „Сонувам за хумано утре“ во недела 12 часот ќе тргне од пред Собранието на РМ, покрај Владата и ќе заврши пред Град Скопје, најавуваат активисти за заштита на животните.

На Маршот ќе се стави акцент на условите во стационарот Вардариште, каде се чуваат заловените кучиња пред да бидат вдомени.

– Ако Вардариште функционира исто толку добро како што е смислено, би било супер. За жал, не е така. Јас лично имам земено пудли кои престојувале таму околу три месеци. Беа коски и кожа, дехидрирани, а крзното на нив затуткано. Не може да го фрлите вашето милениче на улица, а потоа да се жалите оти има многу кучиња бездомници – вели активистиот за права на животните Виктор Мазнев од Велес и додава дека треба да се смени и менталитетот на луѓето.

Портпаролката на ЈП „Комунална хигиена“, Ана Марија Бранѓолица, вели дека работат според стандарди и дека не е запознаена со разните обвинувања кои кружат на социјалните мрежи за нехуман третман на кучињата во Вардариште.

– Не гледам од каде им се тие сознанија дека прскаат кучиња стерилизирани на мокар бетон, бидејќи имаме постојани инспекциски надзор од ветеринарни инспектори, не сме имале забелешка во таа насока, дека се постапува несовесно со животните. Медицинска установа го врши третманот на животните кој се одбира по пат на јавна набавка. Секој ден се присутни во две смени во стационарот и тие го вршаат целиот медицински третман. При инспекцискиот надзор не сме имале таква забелешка дека ветеринарите се однесуваат нечовечно кон животните. Вообичаено забелешките се од технички аспект – посочува Бранѓолица за Плусинфо.

Таа нагласи дека кучињата кои имаат жолта ушна маркичка биле во стационарот Вардариште, го поминале целиот медицински третман, меѓу другото и стерилизација и исчистени од внатрешни и надворешни паразити, како и вакцинирани од беснило.

– Сме чекале десетина дена дали некој ќе ги вдоми, па ако не, вратени се на местата каде што се заловени, согласно со програмата за работа. Стерилизација вршиме, имаме предвидени средства на годишно ниво. Немаме никаков проблем со средствата во моментов. Ние ја имплементираме програмата „Залови, стерилизирај, врати“, која е осмислена од британската кралска асоцијација за заштита на животните и е поддржана од Светската здравствена организација, кај нас пред 10 години ја донесе Советот на Град Скопје. Мониторирани сме од инспекциите при Агенцијата за храна и ветеринарство и не смееме да отстапиме од имплементирање на програмата – додава таа.

Во септември биле заловени 154 кучиња, од кои 27 биле вдомени во рамките на стационарот, а 107 биле стерилизирани.

Ветеринарката Јасминка ван дер Флиер, пак, вели дека две години по ред стерилизира и кастрира бездомни мачки и мачори.

– Проектот е преку здружението „Феникс“ за заштита на животни. Станува збор за стерилизација и кастрација на улични мачки и мачори, со мрежа на волонтери кои заловуваат по улични контејнери, пазари и слично. По 200 илјади денари беа одобрени од општина Карпош претходните години. По 150 мачки стерилизирам и кастрирам. Повеќе од 30 се на мој трошок, другите се на трошок на Општината – рече таа за Плусинфо.

Најдобар период за стерилизација на мачките е октомври и ноември.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...