Ширум Украина, денеска се одржуваат протести против таканаречената „Формула на Штајнмаер“, со која се предвидува Донбас да добие специјален статус.
Протести се одржуваат во Киев, Лавов, Харков, Запорожје и Мариупол, а во нив учествуваат илјадници демонстранти.
Учесниците во протестот бараат од министерот за надворешни работи Вадим Пристајко и украинскиот претставник во Контакт групата, Леонид Кучма да се повлечат од договорот и најавуваат дека против нив ќе бидат поднесени кривични пријави, доколку го потпишат документот по руски услови.
Протестите започнаа во текот на ноќта, а се во организација на членовите на партијата на поранешните премиер Јулија Тимошенко и Петро Порошенко.
Документот, потпишан од украински претставници и членови на Контакт групата за решавање на ситуацијата во Донбас, треба да биде одобрен и од украинскиот парламент.
Потпишувањето на формулата на Штајнмаер е важен чекор кон решавање на конфликтот во Украина, иако остануваат неколку отворени прашања, изјави по потпишувањето Богдан Безпалко, член на рускиот претседателски Совет за меѓуетнички односи.
– Останува отворено дали договорите од Минск ќе бидат спроведени во реалност или се доволни поголем број на договори, потоа начинот за воспоставување контрола над границата на источната зона на Украина, дали тоа значи вистинска самоуправа на одделни области во регионите Доњецк и Луганск. Ова и многу други прашања допрва треба да се решат – рече Безпалко.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски претходно потврди дека Украина ја усогласи формулата на Штајнмаер со другите учесници во преговорите за решавање на ситуацијата во Донбас, како и дека сега таа ќе биде додадена во новиот закон за специјален статус на регионот.
Формулата на Штајнмаер, која ја претстави тогашниот германски министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер, предвидува на Донбас да му се даде специјален статус, во согласност со договорот од Минск.
Документот предвидува дека посебниот закон за локална самоуправа на Украина ќе влезе во сила во одредени области на регионите Доњецк и Луганск на денот на локалните избори, кој ќе стане траен откако Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) ќе ги објави конечните резултати.
ФОТО: EPA / SERGEY DOLZHENKO