Во неколку делови од Истанбул синоќа избија протести поради одлуката на турската Врховна изборна комисија да ги поништи резултатите од локалните избори на кои победи опозицијата.
И Екрем Имамоглу од Републиканската народна партија, победник на изборите од 31 март и поранешниот премиер Бинали Јилдирим од владејачката Партија на правдата и развојот со соопштенија потврдија дека ќе бидат на листата на повторните избори закажани за 23 јуни.
Протестите во Истанбул беа во реоните Бешикташ, Кадикој и Шишли.
ЕУ упати критики за одлуката на Врховната изборна комисија на Турција да ги поништи резултатите од изборите за градоначалник на Истанбул и да организира ново гласање на 23 јуни.
Во заедничка изјава шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан се нагласува дека тоа решение е спротивно на самата идеја за демократски изборен процес.
Исто така се додава дека одлуката била политизирана и е во спротивност со клучната цел на демократскиот процес. Освен тоа, тој чекор значи и поткопување на изборниот процес и е против обврските преземени од Турција како член на Советот на Европа.
ФОТО: EPA / ERDEM SAHIN