Простаклукот како систем

Кич-вредности не можат да опстојуваат во едно цивилизирано општество кое претендира да биде член на Европската заедница на народите.

1073

Воопшто немав намера да си/ни ги продолжувам маките со нашите културни „вредности“ да не беа неколку не типично наши актуелни инциденти: „љубовноно“ писмо на криминалецон од Будимпешта, во кое (и) тој стигна да „мудрува“ за некакви наши вредности, последното обраќање на простакот од Водно, и уште некои поситни.

И, слушајќи го премиерот, решив дека не сакам да го расипувам вчерашниот убав ден на историската посета на папата, која што пак други простаци намерно ја расипаа.

Прв – оној од Водно, од кого просто блика како непресушен свирипичински извор омразата кон се’ што е поумно, покултурно, посуптилно од него. Не успеа да се воздржи ни за последен пат, од говорницата среде велелепните и во основа благородни мозаици на Гиче Чемерски во Вилата на Водно, а не го спречи ни високото присуство на можеби (објективно) највлијателниот човек во светот – Папата Францис!

Каков простак, мајко мила, каков опинок кој ја изрезили (по којзнае кој пат, но за среќа последен!) оваа држава која никако не му е по ќеф и мерка за негова „вредност“. Зашто, замислете, каков простаклук, отсуство на политички такт, елементарна пристојност и немање основна култура е завршницата на неговото обраќање до јавноста и високиот гостин во кое тој вели „дека македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања и изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница“.

И понатаму говори за „еродирани вистински и трајни вредности“! А зарем тој, или некој околу него, во изминативе дванаесет години ни посочи што е тоа вредност, уште помалку вистинска и трајна?

Се’ што правеа – тој, неговото семејство, неговите поданици – беше токму спротивното односно беше воведување на простаклукот како систем во државава, на највисоко (претседателско) ниво. Исто онака како што, впрочем, и го завршува својот мандат: со смешно сељачко парадирање во јавноста сосе неговиот семеен наследник кого крајно невкусно ни го поттураше под нос во секоја прилика, па дури и вчера. Ама, простак останува простак, нели, па бил тој претседател на држава, професор или само валандовски redneck.

Апропо професурата, истиот простаклук го покажа и неговата колешка од фамозниот Правен факултет – истиот оној факултет што не’ „крпи“ со неверојатен број простачки и крајно неспособни кадри сместени на највисоки раководни места низ триесетгодишнава постсоцијалистичка ера – која цел месец не’ згрозуваше со нејзините тиради за вредностите (правни, правдољубиви, морални и етички …), за да на крајот, по поразот, не собере сили ни за едно честито и нека е и воздржано честитање на победникот, макар и со половина уста, зашто токму такво однесување налага домашното воспитување, елементарната култура, професурата, меѓународното реноме на кое што тоооолку се повикуваше …

А впрочем исто некултурно однесување покажа и нејзиниот партиско-политички ментор, оној Жмицко звани хидроцентрала, а и тој случајно „професор“, со полна уста критики на наводните европски и македонски вредности покажани (ако не повеќе) за време на штотуку завршените претстедателските избори. Се виде, имено, дека полна уста вредности не значи автоматски и соодветно такво ниво на однесување кое што би било пример не само за неговото членство туку и за целата држава. Простаклукот како систем не можете туку-така да го извадите од себе!

Но, всушност, кога ќе ја погледнете партиско-политичката провениенција на посочениве односно нивниот почесен претседател и основоположник на системот, кој (се’ уште) им го диктира „темпото“  од Будимпештанскиот задграничен комитет, тогаш ништо и не зачудува. Само неколку дена пред вториот круг гласање тој македонски криминален азилант им покажа на своите пулени како да се однесуваат, додавајќи уште еден беден лист во неговата политичка пачавра-тетратка.

Побегуљата имено соли памет од скутот на Орбан:

„Со луѓето се сменија и времињата и вредностите“. Так нормалнаја, баќушка Груевски, а вие како мислевте? Дека вашите „вредности“ остануваат еднаш засекогаш, дури и да ги имавте, какви-такви?

Можеби тоа денес само така изгледа, јес да простаклукот се’ уште се влечка низ државната адмминистрација – што ќеќ рече низ системот – ама тоа е привремена состојба / перспектива. Зашто, ако сегашнава власт го одложува(ше) ова прашање – заради разбирливи политички причини – одбегнувајќи отворено и резолутно да се справи како што треба со вашите „вредности“, ќе има време и за тоа. Кога – тогаш, утре – или задутре. Ако мислите дека затишјево е вечно, пак се лажете. Невремето ќе дојде, повторно, кога-тогаш! Ама тогаш кога ќе дојде, тоа невреме ќе се вика поинаку, можеби ќе биде бура, ураган, циклон, смак света на (северно)македонски начин … којзнае?! И ќе урива се’, зашто се’ и е’ за уривање! Без пардон, без дискусии, без елаборати. И тоа ќе биде вистинскиот настан за оваа држава! Кич-вредности не можат да опстојуваат во едно цивилизирано општество кое претендира да биде член на Европската заедница на народите.

Таму не трпат такво однесување, особено не такви „вредности“! Иако, на пример, некои мислат поинаку. Па, еве, меѓу нив, и г-динот Самка Ибраимовски. А така мислеше и оној Асаф, човек кој за помалку од една година направи таков хаос во културата што тешко некој ќе го среди барем за година-две. И тоа е неговиот вредносен „придонес“ во македонската култура. За жал, и негова (министерска) фотографија ќе виси во ходникот на Министерството за култура, како впрочем и на многу други неспособни пред него! Многумина имено мислат дека етничката припадност им е некаков џокер, некаква културна „вредност“ сама по себе, нешто опипливо што им гарантира автоматски влез каде и ќе намислат. Ама тоа не е така, дури ни во политиката. И не смее да биде така, се разбира. Ако оваа држава успее да опстои на тој принцип, на принципот на вредност – културна, политичка, секаква друга ! А тој принцип е единствено можен, единствено функционален во вакви мали државички.

Но, да се вратам на безвреднион од Букурешт. Тој, имено, вели дека „се планираше и создаваше трајна вредност“. И јас не се сомневам дека таквите како него навистина така и мислат, па и веруваат во изреченото. Ама тоа не е наш проблем, тоа е нивен личен проблем – домашен, елементарен, воспитен, културен. Наш проблем беше што трпевме таков безвреден човек цели дванаесет години на толку одговорно место. Како што впрочем го трпевме и простакот од Водно. Што говори многу за нас, малку за нив. Говори многу за нашата (не)способност, да не речам (не)моќ, да препознаеме вистинска вредност, паметен човек, иницијативен политичар, способен лидер. А тоа го докажавме уште еднаш, пред два дена, со оние бројни гласови на контото на „професоркана“.

Иако, за волја на вистината, таа во голема мера е поприбрана, поинтелигентна и секако попристојна од нејзините политички ментори, ама сепак токму во нивна служба односно на располагање на врхушката на злосторничкото здружение.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...