Прослава на животот на Горан Стефановски во Идадија

Горан Стефановски (1952-2018) почина по кратко боледување на 66 години во Кентербери, Велика Британија.

571

Во чест на Горан Стефановски, денеска напладне, на денот на неговото раѓање, во паркчето спроти Наџак / Идадија во Дебар Маало ќе биде засадено дрво, ќе бидат прикажани негови фотографии, интервјуа, предавања, ќе се слуша неговата најомилена музика, а сите што сакаат ќе може на „отворен микрофон“ да кажат некоја приказна или анегдота поврзана со нашиот познат драмски автор.

Настанот е на иницијатива на МАНУ и организиран од семејството Стефановски и Општина Центар. Насловен е „Прослава на животот на Горан Стефановски“ и замислен како негово духовно враќање дома. Ќе се одржи во Дебар Маало зашто токму покојниот писател и професор има удел во неговото креирање како култно место. Симболиката на Дебар Маало е во тоа што беше животно и духовно, а особено книжевно врзано со работата и животот на Стефановски.

„Прославата на животот на Стефановски е предвидена како мал увид во неговиот личен, семеен и творечки живот. Јавноста го знае како познатиот драмски писател, есеист и мудрец, кој низ град одеше пеш со насмеано лице, но ова ќе биде можност неговата фамилија и блиски пријатели да ја претстават неговата друга страна, како татко, сопруг, дедо и фанатик на „Битлси“, преку проекција на фотографии од неговото најрано детство до крајот на животот, проекции на видеоинтервјуа, говори и кратки семинари водени од него, видеа и фотографии од претстави по неговите текстови, во соработка со Драмскиот театар и ФДУ“, соопштија организаторите на настанот.

Горан Стефановски (1952-2018) почина по кратко боледување на 66 години во Кентербери, Велика Британија. За дописен член на МАНУ беше избран во 2004 година, а беше и долгогодишен член на Македонскиот ПЕН-центар. Стефановски беше професор на Факултетот за драмски уметности и од 2000 година – професор на Универзитетот во Кент, Англија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...