Од МОН засега немаат податоци дали има незапишани ученици поради непримена МРП-вакцина и нив ќе ги добијат овој месец преку Државниот просветен инспекторат. Министерот Арбер Адеми изјави дека е значително зголемен процентот на деца вакцинирани за заштита од мали сипаници, а и натаму, рече, МОН ќе ја следи состојбата во координација со Министерството за здравство.
– Државниот просветен инспекторат има надлежности зашто до него училиштата ќе доставуваат информации кои деца не се запишани, а би требало да бидат. Сите податоци за запишани деца ќе ги добиеме овој месец, а со министерот за здравство Филипче договоривме да има и теренска вакцинација во самите училишта за да се подигне опфатот на вакцинирани деца, изјави за медиумите Адеми денеска при посетата на ОУ „Лазо Ангеловски“ по повод првиот училишен ден.
По ширењето на заразата во минатата учебна година, за која во средината на април беше прогласена и епидемија на територијата на целата држава, беше донесена одлука во градинките и училиштата да се примаат и запишуваат деца само со приложување вакцинален картон.
Министерството за здравство минатиот понеделник соопшти дека вакцинацијата со МРП-вакцина во целата држава е 98 проценти. Во Скопје 99, а во останатиот дел од државата 97 отсто.
До тој ден (26 август) вакцинирани биле 35.870 лица со МРП-вакцина на возраст до 14 години. Од нив, во Скопје се вакцинирани 16 732, а во останатиот дел од државата вакцинирани се 19 138 лица до 14-годишна возраст кои подлежат на вакцинација. Во центрите за јавно здравје, пак, дополнително се аплицирани 6 189 дози на вакцина, од кои повеќе од 60 отсто кај здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта.
Од почетокот на епидемијата регистрирани биле 1 893 случаи со мали сипаници во целата држава што, според Министерството за здравство, е најголем број во изминатите 20 години.