Од јавното комунално претријатие Тетово информираат дека конечно започнале со третирање на бездомните кучиња во градот. Во соработка со приватна ветеринарна ординација која понудила најповолни услови на јавен повик отворено е прифатилиште за кучиња во близина на железничката станица.
– Кучињата кои ќе бидат заловувани ќе ги носат тука и ќе бидат вакцинирани против беснило, а тие што се веќе заразени ќе бидат отстранети. Ќе се прави и стерилизација и кастрација па потоа кучињата согласно стандардите ќе бидат ослободени и вратени од каде што се најдени – изјави ветеринарот Рами Селмани.
Започнувањето со работа на прифатилиштето доаѓа речиси седум месеци откако Општина Тетово на седница на Совет на 31 октомври донесе одлука да се гради стационар и соодветно да се третираат бездомните кучиња.
-Тука имаме 20 боксови или домови за кучињата. Општина Тетово извдои 500 илјади денари за оваа намена. Годинава со овие средства ќе може да се третираат 248 кучиња – рече Џелал Цека, директор на јавното комунално претпиријатие Тетово.
Граѓаните секојдневно алармираат дека бездомни кучиња се појавуваат низ улиците на Тетово, а чести се случаите кога и напаѓаат. На социјалните мрежи постојано се објавуваат фотографии дури и од глутници кучиња насекаде низ градот па и на самиот плоштад.