Дрога била пронајдена при претрес на дом на тетовец, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.
– Во текот на вчерашниот ден по издадена судска наредба, а во присуство на надлежниот јавен обвинител, извршен е претрес на објекти, сопственост на лице од Тетово. При претресот на домот и помошните простории, во една од собите на кат пронајдено е еден килограм наркотична дрога марихуана, 13 литри засега непозната течност, дигитална вага, дрвена дробилка, шприцеви и други предмети. При претресот на другиот објект пронајдено е поголемо количество (околу 45 килограми) на наркотична дрога-марихуана спакувана во полиетиленски вреќи која била набавена од лице од Република Албанија. По наредба на јавен обвинител, извршена е фото и видео документација на пронајдените предмети при претресот. Предметите се подигнати и испратени на вештачење – се вели во соопштението.
Осомниченото лице било лишено од слобода и задржано во Полициска станица- Тетово. Во текот на денешниот ден ќе биде изведено пред судија на претходна постапка при Основниот суд – Тетово.