Промоција на четири романи на Луан Старова објавени на хрватски

138

Во свечената сала во МАНУ, денес, во 12 часот ќе се одржи промоција на четири романи објавени на хрватски јазик од академик Луан Старова. За овие романи и балканската книжевна сага ќе говорат проф. д-р Елизабета Шелева и професорот и пратеник Ферид Мухиќ.

Станува збор за култниот роман на акадeмик Старова „Времето на козите“, кој пред две децении беше објавен во Загреб, во репрезентативната едиција „Хит-романи“, во превод на Мате Марас. Романот објавен со предговор на Едгар Морен, наиде на одличен прием кај хрватската книжевна критика.

Издавачот „Тим-прес’’, надоврзувајќи се на големиот интерес ги објави во заедничка книга и „Времето на козите“ и „Враќањето на козите“, во превод на Борислав Павловски. Потоа издавачот ја објави книгата „Ервехе- книга за една Мајка“ (во превод на Жељка и Споменка Демниевска), како и „Љубовта на генералот“.

Академик Старова е автор на над 200 библиографски единици на разни стручни и научни трудови во земјата и во странство, како и на преводи на дела од Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Исмаил Кадаре и други. Автор е на книгата „Француски книжевни идеи на 20.век“, како и на „Балканска сага“, составена од 17 романи.

На денешната промоција за четирите романи и балканската книжевна сага на Старова ќе говорат професорите Елизабета Шелева и Ферид Мухиќ. Ќе говорат и хрватската амбасадорка во Македонија, Даниела Баришиќ и директорот на „Тим-прес“ Хашим Бактијари. Во музичкиот дел ќе настапи дуото „Скупи“, во состав: Јета Старова-Мехмети (флејта) и Ермаљ Мехмети.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...