Евровизиската песна „You“ , со којашто Васил Гарванлиев ќе настапи на 65-то издание на Евровизија во Ротердам беше промовирана вечерва во главниот информативен блок на МТВ 1.
„You“ е со брз, модерен ритам, со призвуци на аргентинско танго, и етно елементи вклучени во рефрените.
– Не случајно го одбрав денешниот датум 8 март да ја промовирам песната – изјави Гарванлиев, напомнувајќи дека во неговиот живот најголема улога играле жени.
Автор на музиката на песната е Невена Нешкоска, македонска композиторка и продуцентка која работи и живее во Чикаго. Невена е автор и на текстот на песната, којшто го создаде заедно со нејзината сестра Калина Нешкоска и колешката од Беркли Алис Шредер. За продукцијата и аранжманот на песната освен Невена Нешкоска се погрижија и Дарко Димитров и Лазар Цветкоски.
Видео записот за песната го режираше Милена Витман, а фотографијата и монтажата се дело на Ѓорѓи Вацев. Продуцент на спотот е Јелмаз Дервиши.
– „You“ ја доживувам како покана за танцување, покана да се конектираме, да го славиме живoтот и сегашниот миг. Без разлика што и да ни се случува во моментот – продолжете да играте во ритамот на животот. Сведоци сме дека не живееме во идеално време, но постојат магични моменти кои поминуваат без да ги забележиме и залудно ги трошиме. Длабоко верувам дека сѐ започнува од нас и дека ние сме првиот чекор, кој за другите може да значи инспирација и почеток на нова приказна. Секој од вас ќе има прилика на свој начин да ја доживее оваа песна и ги очекувам сите ваши коментари да ги споделите и да ги тагнете нашите официјални хаштази: #VasilG #YOU #OpenUp #ESC2020“ – вели Гарванлиев за YOU.