По повод утрешната посета на папата Франциск на Скопје, денеска во Собрание беше промовирана поштенската марка „Прва посета на Папа во Република Северна Македонија.
Претседателот на Собранието Талат Џафери во обраќањето на промоцијата рече дека папата Франциск е познат по својата скромност и широкогледост, повикува на еднаквост, противник е на насилството и е прогресивен во своите ставови и ја поддржува евалуацијата, и токму затоа е широко прифатен од младите ширум светот и за нас е огромна чест што утре ќе бидеме негови домаќини.
– Ние иако мали по територија и по број на жители имаме што да понудиме во градењето на еден поубав свет за сите. Исклучителен пример за тоа е нашата Гонџа Бојаџиу, големата светица Мајка Тереза која неуморно се даде себеси и сето свое битие за да ги утеши сиромашните, немоќните, болните – рече Џафери.
Посака посетата на папата Франциск, како што рече, да биде охрабрување, за сите нас да бидеме подобри луѓе, потолерантни кон различните од нас, одговорни и посветени луѓе.
Благодарност за чинот и за печатењето на поштенска марка по повод посетата на папата на Скопје изрази и скопскиот бискуп Киро Стојанов, а пригодно обраќање имаше и директорот на Македонски пошти, Ејуп Рустеми.
Првите поштенски марки од оваа серија им беа врачени на претседателот на Собранието, Талат Џафери, вицепремиерот Бујар Османи и скопскиот бискуп Стојанов