Папата наведе забелешка дека предпоследната фраза на молитвата „И не нѐ воведувај во искушение“ не е логички јасна. Римскиот бискуп смета дека Господ не може да го доведе човекот во искушение, туку би требало сосема поинаку да го моли човекот да се ослободи од искушение.
– Овде се работи за не баш целосно точен превод. Имено ако го отвориме последното издание на „Евангелијата“ што ги подготви Италијанската бискупска конференција ќе прочитаме: „Не нѐ оставај во искушение“. И Французите го променија текстот во превод кој значи „Не ми дозволувај да паднам во искушение“. Јас запаѓам, а не треба тој да ме фрла во искушение, па дури тогаш да види како сум паднал. Таткото не го прави тоа, Таткото помага веднаш да се стане. Во искушение не воведува сотоната, тоа е негова работа. Смислата на нашата молитвата е: „Кога сотоната ме воведува во искушение, те молам ти пружи ми рака, дај ми ја својата рака“. Како што на сликата Исус му пружа рака на Петар кој му довикува: „Господе спаси ме се давам, пружи ми рака“ – ја објасни папата својата намера.
Расправата допрва претстои
Бидејќи италијанските и француските бискупи решија во своите земји да го заменат овој стих од молитвата, секако откако папата го одобри тоа, веројатно слично ќе постапи и Хрватската бискупска конференција. Но, вистинската расправа во која ќе учествуваат теолози, библиолози и јазичари дури допрва ќе претстои.
Во научната јавност оваа тема неодамна ја обработија јазичарите на Задарскиот универзитет, професорот од Одделот за кроатистика и славистика, Миле Мамиќ и професорот од Одделот за коратистика и на Одделот за филозофија и воедно теолог, Анте Периша, во текст во магазинот „Јазик“ на Хрватското филолошко друштво. Во својот труд насловен „Дали треба да го менуваме „Оче наш“ – што, како и зошто?“, тие наведуваат дека во еванелските извештаи постојат два различни текста на „Оче наш“ во Евангелијата по Матеј и Лука, но и во записот „Дидаче“, кој според научниците потекнува од првиот век.
– Подоцна текстот на Матеј преовладал и влегол во литургиските книги, молитвениците и песнарките. Тој стана честа молитва на христијанските заедници и на поединци. Ние го слушавме уште во мајчината утроба и го впивавме со мајчиното млеко. Вообичаено се учи напамет и ја задржуваме ние-формата дури и кога се моли поединец. На преминот од вториот во третиот милениум можеме да ја прочитаме и слушнеме на 1.817 јазици – наведуваат задарските јазичари, додавајќи дека поттик за нивниот труд дал папата Франциско, забележувајќи го „погрешниот“ превод на завршниот дел на „Оче наш“, па решиле да ги разгледаат грчката, латинската, старословенската, старохрватската и современата хрватска верзија, како и преводите на најзначајните светски јазици.
Тие наведуваат дека преведувачите на „Оче наш“ биле одлични познавачи и на изворниот и на јазикот на кој преведувале, а исто така и врвни теолози и познавачи на поширокиот библиски контекст и на теолошката проблематика, па затоа тешко е да се поверува дека сите тие погрешиле при преведувањето на овој клучен текст.
– Евентуалните денешни несогласувања би можеле да настанат на пример поради развојот на јазикот, односно поради семантичкото поле на одреден збор или од откритијата на некои постари изворни ракописи на Евангелијата. Во однос на првата можност, факт е дека грчките извори, како и латинскиот превод Вулгата, главно се фиксни бидејќи станува збор за мртви јазици во кои значењата не се менуваат како резултат на секојдневната употреба. Во однос на втората можност, неодамна се откриени и најстари ракописи на Евангелието по Матеј, што датираат од вториот век, но дури и во него нема никакви разлики во зборовите за кој говори папата – истакнуваат професорите Мамиќ и Периша.
Тие напоменуваат дека постои одреден проблем бидејќи уште во апостолското време во посланието на апостолот Јаков постоела потреба авторот да ги предупреди верниците дека Господ не е тој кој искушува: „Никој во искушение нека не каже: Господ ме искушува. Та Господ не може да искушува на зло и не искушува никого“.
Еден од најзначајните авторитети во сферата на библиската наука Јоаким Јеремијас смета дека завршниот стих во „Оче наш“ треба да се сфати во смисла: „Господе чувај нѐ од пропаст“.
Лесно прифаќање
Поедноставно, тој стих на хрватски би можел да се преведе: „И не давај да подлегнеме на искушение, но избави не од зло“. Исто така би можел да остане и таков како што е со потребно објаснување што тоа значи. Во врска со ова целосно се согласуваме со германските теолози и бискупи кои на барањето на папата за поинаков превод на тој текст речиси едногласно одговорија дека всушност се работи за прашања на интерпретарција, а не за јазичко прашање.
Нашиот теолог Иван Дуганџиќ смета дека проповедите треба да им се појаснат на верниците, за да им се објасни што всушност се мисли на некои места во Библијата, бидејќи јазички гледано нема што да му се даде забелешка на преводот. Овде всушност се наметнува прашањето дали ние, па дури и папата, имаме право да ги менуваме зборовите на Исус.
Работата е уште посериозна кога истата јазички едноставна и еднозначна формулација се појавува во Евангелијата на Лука и Матеј, како и во Дидаче. Се чини дека сето тоа заедно и не ни дава за право така лесно да прифатиме промена на стихот во „Оче наш“, туку потребно е проучување и толкување на таа молитва, заклучуваат јазичарите Мамиќ и Периша.
Фото: EPA-EFE-GIUSEPPE-LAMI