Покрај традиционалните зет, невеста, ѓаволите и глупавите Августи, низ вевчанските улици помина и Комисијата за доделување Нобелова награда за која е номиниран премиерот Зоран Заев, минималната плата од 500 евра, странските инвестиции, законите за родителски додаток на министерот за здравство Венко Филипче, како и осуммината пратеници од ВМРО – ДПМНЕ, кои ги поддржа уставните измени и ѕидот на Трамп кон Мексико. И годинава на сатиричен начин беа претставени специјалните јавни обвинителки и загадениот воздух, а не изостанаа ниту маските од секојдневието, омилените детски цртани ликови, како и други смешни и страшни содржини.
33
Карневалот за отворен го прогласи министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој посочи дека Вевчанскиот карневал никогаш не се ни затвора.
Многубројните гости во Вевчани повторно ја доживеаја 15-вековната магија, во која вевчанци ги отсликуваат своите видувања на настаните што ја одбележаа реалноста во земјава и светот. Тие уживаа во шегите, довикувањата, ведриот дух и позитивната енергија на василичарите. Карактеристично за манифестацијата е што никој никому не се лути бидејќи ова се денови на мајтап во Вевчани.
По дефилето, двете василичарски друштва Горна и Долна маала ќе ги посетат вевчанските семејства со желби за среќа и бериќет. Во утринските часови традиционално, според обичаите ќе одат на Вевчанските извори да наполнат вода со која се прави вевчанскиот кашаник (зелник) во кој се става паричката. Присутните вечерва ќе ги забавуваат „Баклава“, „Џубокс бенд“, Кате и „Нели ти реков“ и „Оркестар зурли и тапани“.
Според традицијата, василичарите утре околу пладне ќе дојдат во центарот на Вевчани каде ги играат василичарските ора. Манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските во центарот на Вевчани, со што се верува дека се ослободуваат од злото и годината ќе им биде среќна и бериќетна.
Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на пагнаството, а другиот на христијанството. Задолжителни елементи се зетот и невестата кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои се олицетворение на злото и двајцата глупи Августи кои ги штитат од злото. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот, Јулијанскиот календар.
фото: МИА/Охрид њуз