Проклетство е да се биде различен во конзервативно општество

1016
Фото: ванчо џамбаски

Унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето е целта за која ќе дискутираат стотици ЛГБТИ активисти, родители на ЛГБТИ млади, претставници на владите, пратеници и пратенички, експерти од Западен Балкан и од Турција. Конференцијата се одржува од денеска до 6 октомври во хотелот „Александар Палас“ под мотото „Наспроти сѐ, иднината е наша“. Токму затоа разговараме со Ирена Цветковиќ од Коалиција на маргинализирани заедници.

Ирена, кажете нешто повеќе за оваа конференција?

– Ова е најголема конференција во регионот на Западен Балкан за правата на луѓето од ЛГБТИ заедницата. Еден од најважните настани во регионот поврзан со правата на малцинските групи. Оваа конференција обединува околу 200 ЛГБТИ активисти од регионот на Западен Балкан и Турција, претставници на владите од овие земји, пратеници и пратенички од регионот и од Европскиот парламент, како и новинари, експерти, правници и слично. Целта на оваа конференција е како регион заедно да работиме на унапредување на ЛГБТИ правата, односно да напредуваме во почитувањето на човековите права а единствен пат да се напредува кон тоа е грижата за најранливите категории на луѓе. Мотото на конференцијата е „Наспроти сѐ, иднината е наша“. Токму ова мото произлегува од она што ние како заедница и како активисти го минавме последнава деценија. Од еден ригиден политички систем, од една власт која беше исклучително хомофобична и трансфобична, власт која што буквално удираше врз животите и телата на овие луѓе. Кога никој не очекуваше, наспроти сите шанси и можности, ЛГБТИ заедницата покажа дека е исправена и дека е мотивирана да се бори. Токму поради тоа последнава година бележиме веројатно најголем напредок во регионот. Со доаѓањето на новата власт, дојдоа и првите заложби, барем декларативни, а како што гледаме и како се одвива ситуацијата, веројатно новата власт е спремна да биде далеку поотворена од претходната. И покрај убавите вести, ние мораме да бидиме свесни дека не сме ниту до половината на патеката, имаме уште многу чекори напред. Па во таа смисла, оваа конференција е една можност да седнеме, да рефлектираме што сме направиле, но исто така и да изградиме една заедничка визија и како држава и како регион, каде се гледаме. На овој настан ќе може да дискутираме и со претставници на властите на три клучни теми. Првата тема е образование, сметаме дека клучниот терен во кој се носат промени во градење на подемократско општество на луѓе кои се еднакви и слободни, е преку образованието. Јас доаѓам од организација која што работи со голем фокус на образование, ние со години наназад апелираме за хомофобија и трансфобија во нашите учебници. Апелираме за насилството кое се случува во училиштата, за тоа како училиштата многу ретко се спремни да препознаат родово засновано насилство во училиштето, а камоли хомофобично. Потребно е од една страна да изградиме учебници, односно продукција на знаење, кое што ќе биде базирано на факти и ќе го води општеството во прогрес, а од друга страна, да направиме училиштата да бидат безбедна средина. Секое дете има право да биде еднакво и слободно во училишната средина. Другата тема е правното признавање на родот. Тоа е концепт со кој државата го препознава вистинскиот род на трансродовите луѓе и преку ознаките за пол во документите за идентификација односно нивно менување, овозможува усогласување на документите за идентификација со физичкиот изглед, посакуваниот род и името кое трансродовото лице го избрало за себе. Од една страна, тие се најмаргинализирани во целата ЛГБТИ заедница. Од друга страна, затоа што нашето законодавство сѐ уште не го препознава родовиот идентитет, во ниту еден закон. Овие луѓе се оставени некако надвор од системот, не постои закон кој ги штити. А најранливи се и на насилство и на дискриминација. Третата тема е регионалната соработка. Не е Македонија сама, Македонија можеби сега е добар пример, до пред неколку години беше најлошиот пример во регионот, ама регионот е важен бидејќи имаме многу слични предизвици и многу слични менталитети. Заедно да се бориме.

Кои се проблемите со кои се соочуваат овие лица во Македонија?

– Проблемите се бројни. Најмногу зборуван проблем е насилството. Сите форми на насилство. Од психолошко, вербално, сексуално и емотивно, до физичко насилство. Македонија, за жал, тука падна на испитот. Во Основното јавно обвинителство сѐ уште стојат заборавени шест случаи на насилство и вандализам врз ЛГБТИ активисти и просторот во кој имавме настани за ЛГБТИ и центарот за поддршка. Од 2013 па наваму. Пет години истрагата е во тек, иако снимки од безбедносни камери на кои се гледа идентитетот на напаѓачите е достапен на органите на прогонот. Насилството се огледува и во исклучувањето, вербалниот напад, говорот на омраза.

Дискриминаторскиот говор е сѐ уште присутен во дел од медиумите. Хомофобични содржини има сѐ уште во некои од учебниците. Тоа се проблеми кои се тркалаат години наназад, а фали мотивација за побрзо да се решат. Насилство во рамки на семејството, голем број луѓе кои се припадници на оваа заедница трпат семејно насилство, до пред некоја година немаше ни како да ги згрижиме. Сега веќе имаме шелтер центар или сигурна куќа за оние млади кои се избркани од дома или жртви на семејно насилство. Дискриминацијата е присутна во сите сфери. Постоечката легислатива сѐ уште не ја препознава сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација, иако во новиот предлог закон, кој е во Собрание, сѐ уште не е изгласан, грешката е поправена. Во рамки на училиште, малтретирањето кон ЛГБТИ и младите е горлив проблем, проблем кој Министерството сѐ уште нема храброст да се соочи да го реши. Трансродовите луѓе имаат проблеми во остварување на сопствените здравствени права. Пристап до здравствени услуги и слично. Имаше пријави до Комисијата за недискриминација каде луѓе биле избркани од работа поради нивна сексуална ориентација. Ние веќе имаме регистрирани такви случаи. Ние сме имале случаи дете да не биде примено во приватно училиште/училиште, поради тоа што е трансродово, а камоли од работа. Прашањето е колку овие луѓе имаат пристап до работа, а камоли да се вработат, па да ги бркаат.

Што ќе настојувате да се направи за да се смени нивниот статус?

– На тоа работиме посветено со години. Сметаме дека треба да се работи во секој сегмент. Кога зборуваме за ЛГБТИ права, ние не зборуваме за посебни права. Зборуваме за човекови права за сите. Права од кои се исклучени ЛГБТИ луѓето поради хомофобијата, традиционализмот, конзервативизмот на едно општество, една Влада и слично. Работиме на образование, на медиуми, наш партнер е Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, за култура, здравство. Државата и системот долго време ги имаа изолирано овие луѓе, време е истите да ги вратиме.

Која е најголемата причина што не се прифатени?

– Да се биде различен во едно конзервативно општество, во општество кое не прогресира е проклетство. Има ли причина зошто некој човек не може да биде прифатен, затоа што има некаква сексуална ориентација, која можеби не е иста со доминантната? Причината е патријархатот, зацементираните улоги на мажите и жените. Секој исчекор од овие улоги, се смета за противприроден, неприроден и слично. Друга причина е што одредени структури во едно општество не сакаат прогрес на општеството. Затоа што моменталното статус кво одговара некому, некому не. Причини има илјадници, ама тоа не се причини, тоа се стравови, предрасуди кои ние постојано ги повторуваме преку образование, преку медиуми, култура. Ние креираме нови и нови генерации кои ги учиме да ги мразат овие луѓе. Нема причина да мразиш некого.

Што ќе им препорачате на сите оние кои припаѓаат таму, а поради средината, ја кријат вистината за себеси?

– Го разбирам стравот. Она што можам да го кажам е дека сите ние имаме еден живот, кој вреди да го изживееме онакви какви што сме, а не во лага. Постојат активисти, кои се тука за да ви помогнат. Постојат и организации кои се тука за да ви пружат заштита и поддршка, ако и кога ќе решите да излезите од плакарот. Она што е многу важно за секоја ЛГБТИ личност да го знае, е дека не сте сами. Имаат луѓе кои се спремни да застанат зад вас и да ви помогнат.

Дали во главниот град се општо повеќе прифатени лицата од ЛГБТИ заедницата, отколку во помалите средини, или секаде е исто?

– Генерално зборувано, веројатно тоа е точно. Поголемите урбани средини се попрогресивни. Ние имаме голема миграција од тие луѓе од внатрешноста во Скопје, што е апсолутно разбирливо. Од друга страна, дури ни Скопје не е доволно отворен град. Голем дел од нашата заедница заминува во други средини во понапредни држави, оваа миграција, оваа мобилност на оваа заедница е нешто констатирано како факт. Тажно е, кога зборуваат во Македонија за она популарното дека „има одлив на мозоци“, односно дека млади луѓе си одат, причините не се секогаш економски зошто тие ја напуштаат државата. Во голем број од случаи, причината што некои луѓе, особено оние од ЛГБТИ заедницата, ја напуштаат земјата, се заради квалитет на живот. Бараат средина во која ќе можат да живеат слободно и да бидат еднакви.

Што е неопходно за да се смени свеста кај оние кои што се децидно против ваквите луѓе?

– Мислам дека во моментов имаме задача да ги намалиме штетите од десетгодишниот режим. Да ги намалиме штетите од децениското обраозвание кое продуцира такви генерации. Од децениската доминанта култура и политичка и општествена, која продуцира и одржува вакви ставови. Нашето општество е хомофобично не поради тоа што луѓето тука се лоши, туку затоа што системот креира такво општество. Системот креира луѓето да имаат страв од непознатото. Наш чекор е најпрвин да ги запознаеме луѓето со оваа заедница, да сфатат колку е таа шаренолика, голема, хетерогена, но во исто време да научат дека ниту оваа заедница, ниту било која друга малцинска група се опасност по оваа држава или ова општество. Мора да ги навикнуваме луѓето на нови информации. Современи информации, прогресивни идеи и она што е најважно, на демократски вредности. Процесот е спор и ќе трае долго, но наша обврска е да изградиме демократско општество каде човековите права ќе бидат императив.

Говор на омраза кон лицата од оваа заедница?

– Говор на омраза имаме. Последното истражување на Коалиција со маргини вели дека говорот на омраза се намалува, дискриминаторскиот говор исто така има тренд кон намалување, но недостасува можеби еден поангажиран пристап на медиумите во интерес на теми поврзани со човековите права генерално а секако и правата на ЛГБТИ заедницата.

Фото: Ванчо Џамбаски
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...