Грчко-македонската војна околу трговските имиња и ознаки за комерцијална употреба, ако содржат „Македонија“, по сѐ изгледа ќе се интензивира во наредниот период, во очекување на заедничката комисија која во рок од три години ќе се обиде да најде заемно прифатливо решение за именувања од таков тип.
На таков заклучок несомнено упатува најновиот пример од Кина, која, според објавените податоци во медиумите, одбила барање од грчка компанија за употреба на терминот „македонски“, со образложение дека е потребна дозвола за употреба од соседната земја.
Се разбира, прашањето засега останува отворено, поради чувствителчноста на меѓудржавните односи и градењето добрососедски односи, поврзани со толкувањето и имплементацијата на Преспанскиот договор во различни сфери. Примерот со колебливоста и воздржаноста на македонската Влада да се „детреминира“ на кој јазик зборува македонското малцинство во Грција, доволно јасно зборува за тоа.
Времето, сепак, брзо минува, а некои конкретни решенија сè уште не се ни на повидок. Пошироко во Европа, по ратификацијата во грчкиот Парламент, во медиумите веќе редовно се користи името Северна Македонија. Во дел од весниците во скандинавските земји, за да им се олесни ориентацијата на читателите, во продолжение на новото име на државата Северна Македонија, во заграда, како објаснување, се додава (до неодмана Македонија).
Меѓутоа, такво нешто ни најмалку не се забележува во трговските мрежи. Ајварот, лутеницата, кондиторските прозиводи од македонски производетли и понатаму, во дел од најголемите синџири на супермакети во Шведска, „Ica”, „Coop” i „Willy:s“, се рекламираат со – земја на потекло: Македонија. Иако во непосредна близина, на истите рафтови, ќе најдете, како и порано, производи од Грција, на пример печени пиперки, за кои се наведува дека се потекло од: источна Македонија, во северна Грција.
Македонија како географска област е поодамна „расцепкана“ на трговските етикети. Уште поинтересен е случајот со шведскиот државен монопол за продажба на алкохолни пијалоци „Систем болагет“, чиј асортиман е еден од најбогатите и најразновидни во Европа. Со впишување на Македонија, (на шведски Makedonien) во пребарувачлот на „Систем болагет“, како резултат се добиваат 50 сорти вино. Но 34 од нив се покажуваат како производи од „Грција, Македонија“, означени со грчко знаменце. Значи, сите овие сорти вино се специфицирани така што зад земјата на потеклото, Грција, е „прикачен“ регионот Македонија, однозно ознаката на географско потекло.
Кај преостанатите 16 вина кои се наоѓаат со пребарување во асортиманот на „Систем болагет“, до македонското знаменце како земја на потеклото е наведена Република Македонија (на шведски Republiken Makedonien), со додавка дека се од регионот на Повардарието. Тоа е, би се рекло, креативното решение на оваа шведска државна компанија со цел во нејзиниот асортиман да се означат земјите на потеклото за вината од Грција и Македонија. Значи, некаква ознака, која би можела да функционира, сепак треба да се стави. Пребарувачот на веб-страницата на „Систем болагет“ не ги препознава разликите меѓу хомонимите, односно истоимените региони, туку резултатите од пребарувањето ги сортира според името кое е впишано во спецификацијата на производите.
Но во наредниот период секако дека може да се очекува интензивирање на грчки притисоци да се применува новото име на државата – Северна Македонија. А тоа неизбежно ќе му создаде главоболки на „Систем болагет“, имајќи предвид дека Северна Македонија, според шведска транскрипција, се пишува Nordmakedonien (слеано). Пребарувачот на „Систем болагет“ во таков случај при впишување на Македонија ќе ги дава само вината во својот асортиман по потекло од Грција, додека за пребарување на вина од Северна Македонија ќе треба да се впише Nordmakedonien. Иако најверојатно и тоа не би претставувало соодветно решение за полесно и правилно ориентирање на шведските консументи, со оглед на тоа дека во некои од подеталните спецификации на вината од грчки производители, се наведуваат и податоци дека нивните вина се од Грција, Македонија, со дообјаснување во продолжение дека се од регионот, на пример, источна или северна Македонија во северна Грција. Сосема е јасно дека пребарувачот на „Систем болагет“ тешко дека ќе може прецизно да ги „разграничкиува“ македонските вина според двете земјите на нивното потекло.
Патем речено, пред извесно време „Систем болагет“ имаше сериозни проблеми со означување на кошер вината што се прозиведуваат на Голанската Висорманина, а од што, според критичарите, произлегува дека тие вина доаѓаат од „подрачје во Сирија окупирано од Израел“. Претходно како земја на потекло на кошер вината бил наведуван Израел, но и тоа не можело да помине без критика бидејќи Голанската Висорамнина според ОН и меѓународното право припаѓа на Сирија. Најпосле, не сакајќи „да се меша во конфликтите на Блискиот Истиок“, шведската државна компанија одлучи за овие вина воопшто да не ја наведува земјата на потеклото.
Предизвиците при барање на решенија за трговските имиња и ознаки сигурно не се за потценување. Во рамки на ЕУ ознаките за географско потекло се регулираат со одредбите на Европскиот совет од 1992 година. Освен вината, со мерките на заштита се опфатени и прехрамбени и земјодески производи. Искуствата кажуваат дека колку повеќе се засилува и хармонизира заштитата на ознаките за географско потекло, дотолку повеќе, во практична смисла, тоа има поголема вредност за оние кои имаат право да ги користат ознаките на своите производи. Многумина сепак изразуваат уверување дека доколку процесите на глобализација продолжат да се продлабочуваат тогаш е заочекување дека во оваа област ќе се воведат и некои меѓународни стандарди. На различни начини ќе биде потребно да се отворат патишта меѓу земјите, при што ќе бидат неопходни и сеопфатни меѓународни институции базирани врз хармонизирање на законодавствата. Во еден таков иден глобализиран свет нациите по разни основи ќе го губат своето значење во однос на глобалното, но исто така и во однос на регионите кои ќе станат важни и кои би имале различна големина во различни контексти. Во еден таков свет би било природно потеклото да има и поголемо значење. За регионалните потрошувачи, според примерот на географска Македонија, големо значење ќе има регионалната припадност на стоките и нивното производство. Во таа смисла, националното чувство кај потрошувачот можеби би било заменото со еден вид регионална гордост.
Но дотогаш, ќе продолжи нервозата, како во случајот на одбивањето од страна на Кина на барање на грчка компанија за употреба на терминот „македонски“, при што портпаролката на Нова демократија веднаш ја обвини владата на Ципрас дека ги оставила на цедило „имињата за производите од нашата Македонија“.
Или, како што вели Заев, повикувајќи се на претпазливост и дипломатска воздржаност, „да не прдизвикуваме со наше невнимание незгодни ситуации“. Се чини дека нема многу да зачуди ако во иднина како нова нијанса на менталитетот меѓу граѓаните на Северна Македонија, како линија на помал отпор, се одомаши во секојдневната комуникација свесно избегнување на терминот „македонски“ за означување на производите, отстапувајќи му повеќе место на емотивно понуатрлниот израз – „од нашата Македонија“ – во заедничкиот и поделен географски регион.