Проекција на филмот „Врба“ на Манчевски пред повеќе од 80 медиуми од светот

310

Во Аудиториумот Парко дела Музика, каде се одвива третиот фестивалски ден на Римскиот филмски фестивал, за време на новинарската проекција на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски беше преполно. На прес скринингот присуствуваа повеќе од 80 светски медиуми, меѓу кои и најрелеватните италијански медиуми. На проекцијата, покрај новинарите присуствуваа и студенти од факултетите по Историја на уметност и од Факултетите за драмски уметности од Рим. Салата беше пеполна до последното место.

По новинарската проекција, беше одржана конференија за печат на која присуствуваа режисерот Милчо Манчевски и трите хероини од „Врба“, актерките Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски.

– Луѓето се исти, без оглед каде и кога живеат. Она што нам ни беше важно е да проговориме за човечките дилеми, болки, разочарувања и радости… од аспект на еден обичен човек, женски човек. Врба можеби не е моето омилено дрво (ако подобро размислам, повеќе ги сакам тополата, чемпресот, липата и медитеранскиот бор), ама врбата е поблиска како симбол со она што го кажува филмот. Жална врба – ова се три тажни приказни со среќен крај – изјави Манчевски.

Трите актерки Сара, Наталија и Камка, блеснаа во полн сјај на средбата со новинарите, одговарајќи искрено и непосредно на прашања врзани со нивните ликови од филмот.

Вистински куриозитет е што на крајот од пресот новинарите ја почестија филмската екипа со френетичен аплауз. И по завршувањето на проекцијата на „Врба“, се случи долга тишина, па аплауз, што е необично за прес проекции.

Официјалната гала светска премиера на „Врба“ е зажана за вечерва во 22.30 часот, а половина час предходно филмската екипа од филмот ќе помине на црвениот килим.

„Врба“ е во официјалната програма на фестивалот помеѓу други 32 филмови, од кои вкупно 24 се играни, останатите 9 се документарни филмови.

„Врба“ е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Во филмот игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во останатите улоги се Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други. Музиката ја потпишува Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...