Продолжуваат консултациите за уставните измени

221

Изготвувањето на нацрт амандманите, дејствувањето на новата пратеничка група во Собранието, намалување на бројот на пратеници во ВМРО-ДПМНЕ…остануваат на агендата и викендов. Иако беше најавено останува неизвесно кога нацрт – амандманите на Уставот ќе бидат доставени до Собранието.

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски вчера изјави дека уште траат координациите околу усогласувањето за измените на Уставот.

– Во оној момент кога тие ќе бидат во пишана форма ќе бидат јавно објавени и доставени до Собранието за нивно финализирање – вели Бошеаковски, не прецизирајќи притоа кога би можело тоа да се случи.

Петнаесетдневниот рок што му го даде Собранието на Владата за изготвување на нацрт амандманите истекува следната сабота, но премиерот Зоран Заев најави дека тоа би можело да се случи и пред овој рок.

Според текот на настаните, нацрт – амандмните, сепак, би требало да дојдат во Собранието до средината на следната недела.

Владејачките партии ја повикаа опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во разговорите за уставните измени, но се песимисти дека тоа би можело да се случи. Но, разговори за нацрт-амандманите извесно е дека ќе има со осуммината пратеници што гласаа „за“ уставните измени, кои го известија претседателот на Собранието Талат Џафери дека во иднина ќе настапуваат самостојно како независни пратеници и дека формираат нова пратеничка група. Најверојатно координатор на оваа пратеничка група, според информациите на МИА, ќе биде Елизабета Канческа-Милевска.

Оваа нова пратеничка група во Парламентот, како што велат, ќе делува опозициски и од понеделник ќе ги започне разговорите за нацрт предлозите за уставни амандмани, но во согласност со нивните четири барања што ги доставија до Собранието пред гласањето за уставни измени минатиот петок.

Во оваа пратеничка група освен Канческа-Милевска ќе бидат и пратениците Емилија Александрова, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Владанка Авировиќ, Сашо Василевски, Зеќир Рамчиловиќ и Нола Исмаиловска Старова.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...