Рокот за пријавување првачиња за еднократна парична помош од 3.500 денари што ги доделува Општина Аеродром на првоодделенчињата запишани во основните училишта на нејзината територија е продолжен до 15 септември.
Покрај оваа одлука за продолжување на рокот за пријавување, олеснети се и критериумите, така што е доволна лична карта на само еден од родителите.
Одлуката за доделување по 3.500 денари за првоодделенците првпат е донесена оваа година во Општина Аеродром. За оваа намена, Општината има издвоено околу 2.800.000 денари од сопствениот Буџет за околу 800 првачиња.
-Целта на овој проект е да се олеснат трошоците на родителите за новиот ученик во семејството. На овој начин ги враќаме парите назад кај граѓаните, овозможуваме пријатен почеток на првата учебна година и подобри услови во образовниот процес за секое дете – изјави градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин.
Образецот за барањето за доделување еднократна парична помош на семејствата со прваче во учебната 2018/2019 година на подрачјето на Општина Аеродром може да се подигне во Општината или да се симне од општинската интернет-страница (www.aerodrom.gov.mk) во менито за формулари или директно на линкот http://aerodrom.gov.mk/dokumenti/formulari.
Барањата можат да се поднесат во Општина Аеродром секој работен ден од 9 до 15 часот во канцеларија број 19, а исплатата на паричните средства е предвидена за почетокот на учебната година.