Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство донесе одлука најмалку две недели да се затвори градинката во скопската населба Радишани, каде пет деца се заразиле со морбили.
Во моментов се регистрирани шест заболени лица, пет се деца од предучилишна возраст и еден возрасен маж.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека е прогласена епидемија на морбили (мали сипаници), која е последица од неколку годишните негативни кампањи против вакцинирање.
– Станува збор за болест која се превенира со вакцинација. Упатувам уште еден апел, покрај сите кампањи што ги прави Министерството за здравство, родителите да ги вакцинираат своите деца. Воедно, упатувам апел до родителите да не ги носат децата во оваа градинка. Периодот од 2 недели ќе се искористи за итна дезинфекција на објектот, а понатаму и за имунизација на сите деца кои не се вакцинирани. За жал, сите заболени лица се невакцинирани. Три од пет деца се сместени на Клиниката за инфективни болести, а останатите дечиња се наоѓаат на домашно лекување – изјави министерот Филипче.
Министерот додава дека опфатот со вакцинација е мал, особено во првите неколку години од животот. Најмал е опфатот со вакцинација кај децата од 1,2,3 години.
Министерството ќе ги преземеме сите неопходни мерки за заштита.
– Очигледно дека не се почитува потребата да се достави вакциналниот картон при упис во градинка и во училиште. И ние ќе бидеме приморани да направиме законска промена. Ќе инсистирам на тоа, ќе направиме уште еден состанок со претставници Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика. Не вакцинирањето носи сериозни ризици од појава на епидемија, која може да има и фатални последици, а се превенира со вакцинација – потенцираше министерот Филипче.
Д-р Владимир Микиќ, од Институтот за јавно здравје, вели дека морбилите можат да дадат тешка клиничка слика.
Иако е прогласена епидемија на мали сипаници, лекарите апелираат родителите да ги однесат децата на вакцинација.