Проблемите што протекоа низ хидросистемот „Бошава“ наместо вода, ќе се решаваат на суд, дознава МИА. Ептен е голема работата, ни рекоа засегнатите страни. Проблем, кој поради „утка“ во договарањето во минатото, во моментов засега педесетина илјади жители од двете општини.
Од кавадаречки „Комуналец“ велат дека кавадарчани и росоманци не ги добиваат тие околу двесте литри вода за пиење што своевремено биле договорени, пред стартот на реконструкцијата на хидросистемот и пред почетокот на изградбата на мини хидроцентрали како плод на јавно-приватно партнерство. Росоман учествувал со 12 отсто во изградба на цевковод за довод на вода од брана на Моклишко Езеро до градот, а Кавадарци со 88 проценти.
Оттаму беа децидни дека според водостопанската согласност, приоритет е водата за пиење и домашни потреби, па потоа индустриската, за наводнување и на крај за производство на електрична енергија.
Од подружницата на АД „Водостопанство“, пак, ни нагласија дека водата што приватниот партнер не ја искористил за производство на струја, а завршила за пиење, им ја фактурираат ним, иако неа ја наплатиле комуналци. Затоа го тужат комуналното претпријатие, барајќи од него да ги плати средствата што приватниот партнер ги бара од нив. Двете страни судски ќе се докажуваат кој е во право. Се очекува во судската постапка да бидат повикани претставници од сите инволвирани страни, но и сведоци. Разврска мора да има, категорични беа соговорниците на МИА во ова истражување.
– Откако Кавадарци и Росоман во минатото обезбедиле голема сума со цел да се реши проблемот со недостигот од вода за пиење, но проблемот сè уште не е надминат, а од хидросистемот „Бошава“ не добиваме вода континуирано целата година. Ние незадоволните општини баравме и одржавме средба со Словенците, кои го претставуваат приватниот партнер, во јавното-приватно партнерство за проектот за хидросистемот. Конкретен договор сè уште нема.
На средбата во Скопје присуствуваа претставници од јавниот и приватниот партнер, како и од комуналните претпријатија од двете општини. Претставниците на словенечката компанија го искажаа барањето за надомест при неискористеност на вода за производство на електрична енергија, согласно договорот помеѓу едниот и другиот партнер. Сметаме дека како општина во тој сегмент не сме воопшто вклучени и немаме никакви обврски за намирување какви било сметки за водоснабдување. Ние само бараме вода за пиење континуирано преку целата година, ни рече росоманскиот градоначалник Бранко Јанев.
До наредната средба, нагласи, потребно е за ова да се разговара со Министерството за животна средина и со други надлежни институции кои, според него, исто така треба да се вклучат во решавањето на овој проблем. За ова било запознато Министерството, а градоначалникот ни изјави дека би сакал работите да се средат, а да нема оштетени. Тој ни нагласи дека решението се бара, затоа што, во спротивно, росоманци ќе останат без вода за пиење.
Судот ќе одлучи што е најприоритетно
Дека нема финално решение ни потврди и директорот на подружницата на АД „Водостопанство“, Ристо Манев. Со оглед на тоа каква е состојбата, ни нагласи, случајот ќе мора да има судска разврска.
– Тоа е малку посериозен проблем. Наметнат е од штетниот договор за јавно-приватно партнерство, каде што јавното претпријатие е некогашното „Водостопанство“ и договорот е на негова штета и катастрофален за него. Тоа е апсолутно несфатливо. И оттука призлегуваат сите проблеми. Затоа што со него е предвидено доколку одредени количини вода не се искористат енергетски, јавниот партнер да му плати отштета на приватниот. Минатата и предминатата година ние му имаме исплатено на приватниот партнер три милиони и 300 илјади денари. Огромна сума за вода што не ја користиме ние, туку се дистрибуира за пиење. Затоа сметаме дека комуналното претпријатие треба за водата за пиење што ја наплатило од физичките и правните лица да му плати на приватниот партнер, кој таа вода не ја искористил за производство на електрична енергија. Ние имаме комплетно водно право врз таа вода за да ја користиме за наводнување, врз основа на претходно добиена водостопанска дозвола, која ја дава секторот за води при Министерството за животна средина и просторно планирање. Дополнително, имаме одобрение таа вода да се користи и за производство на електрична енергија. За нас е апсолутно неприфатливо кога веќе поседуваме водно право, кога носиме вода над 30 километри преку наш дистрибутивен систем, кој го одржуваме и плаќаме работник, да плаќаме за вода што се користи за пиење. Ние не сакаме да профитираме од вода за пиење, постојано даваме свој придонес во оваа ситуација, сакаме само комуналното претпријатие да му ја надомести штетата на приватниот партнер, да си плати за водата за пиење, која била оневозможена да се искористи за производство на електрична енергија, изјави Ристо Манев, раководител на подружницата „Тиквеш“.
Според договорот, како што додаде, во наводнувачка сезона, од 15 април до 15 октомври, приватниот треба да му обезбеди на јавниот партнер вода за наводнување. Водата за пиење не е регулирана со договорот. Таа вода Словенците не ја користат енергетски и нам ни ја фактурираат како изгубена добивка. Ние бараме од комуналното претпријатие да ја плати таа вода, а оттаму одбегнуваат да го сторат тоа, со образложение дека немаат обврска да го прават тоа. Тогаш, по таа логика, по која обврска ние да им пуштиме вода за пиење? Имаме водно право, ја носиме со километри, за на крајот уште и да ја платиме водата, кој апсурд е тоа, дециден беше Ристо Манев, раководител на подружницата „Тиквеш“.
Договорот за јавно-приватно партнерство има важност 27 години. Од вкупно произведената хидроенергија од водата на реката Бошавица, појасни, „Водостопанство“ има четири проценти, за првите 11 години. За последните 16 години, 11 отсто.
– Излегува дека ние тие четири отсто што ги заработуваме треба да ги плаќаме на приватниот партнер на име изгубена добивка. Ако е така, ние немаме апсолутно никаква економска бенефиција. И затоа тврдам дека се згрешило кога се потпишал таков договор. Тоа што го добиваме, сега и го даваме. А профитира комуналното претпријатие, додаде тој.
Став по ова прашање побаравме и од Ѓорѓи Поп Ицов, директор на Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци.
– Во водостопанската согласност на Министерството за животна средина и просторно планирање, од 24 јуни 2014 година, меѓу другото, во точка 6 стои дека инвеститорот е должен да обезбеди непречено водоснабдување, согласно плановите за водоснабдување за Општина Кавадарци и Општина Росоман, со количина од зафатнина од 150 литри во секунда, ни рече Поп Ицов.
И тој се согласи дека има многу работи што не се јасни.
– За да се добие правото врз водата, треба да се добие водостопанска согласност. Според неа, пак, се дава согласност, со тоа што за Кавадарци и Росоман треба да се обезбедат 200 литри во секунда вода за пиење. Според нашите информации, Министерството за животна средина дало водостопанска согласност за изградба на мини централи, под услов да се обезбедат тие дополнителни количини вода за пиење. Според нашите сознанија, постои договор склучен помеѓу „Хидро Бошава“ и Општина Кавадарци, сè со цел непречено алтернативно водоснабдување со вода на општините Кавадарци и Росоман, во количина од околу 200 литри во секунда. Ние дури и не ги бараме сите тие 200 литри во секунда, ами само од околу 40 до осумдесетина, тогаш кога имаме потреба од нив во текот на годината, зависно од потребите и временските услови, за да ја надополниме водата што ја добиваме од регионалниот водовод „Лукар“. Со „Водостопанство“ и „Хидро Бошава“ немаме склучено никаков договор за користење на таа вода, затоа што водоснабдувањето е приоритетно право. Според мене, Кавадарци и Росоман не би требало да останат без вода за пиење. При толку голема инвестиција, приоритет треба да биде водата за пиење, а дури потоа да се користи за производство на електрична енергија и за наводнување. Во Законот за води, приоритет е водата за пиење. Ние си го бараме тоа што ни следува. Судот ќе одлучи што е најприоритетно, категоричен беше Поп Ицов.
Инвестиција од 22 милиона евра, партнерство за 27 години
Дека на средбата во Скопје не биле донесени заклучоци, потврдија и од словенечкиот партнер, кој има своја компанија во државава.
– Разговаравме за договорот помеѓу „Водостопанство“ „Тиквеш“ и „Хидро Бошава“. За техничките проблеми на терен, што се причина за незадоволство кај „Водостопанство“ во фаза на екслоатација на системот, а ги имаше и кај „Хидро Бошава“ во фазата на реализација на проектот. Разговаравме за тиролскиот зафат на вода што го имаат општините Кавадарци и Росоман и кој овозможува двете општини да земат вода од Бунарска Река, кога таа има вода од јануари до април. Но тој зафат е блиндиран, така што водата не може да влезе во нивниот цевковод. Значи, тој зафат воопшто не е во функција. Проговоривме и околу тоа како да се изнајде решение, вода да се зема под мини хидроцентралата 2, за „Водостопанство“ да не биде оштетено, пишува во одговорот на поставените прашања.
На моето прашање дали во тој договор може да се смени нешто или не, беше одговорено дека постојниот договор овозможува сите страни да бидат задоволни, ако го почитуваат.
– Договорот е потпишан помеѓу АД „Водостопанство“ „Тиквеш“ и „Хидро Бошава“ и се почитува од договорните страни, така што нема проблеми кај неговото спроведување. Со договорот е договорена постапка, според која „Хидро Бошава“ пушта дополнителни количини вода, на барање на „Водостопанство“. Општините Кавадарци и Росоман не се партнери во овој договор. Но, ако општините бараат вода од „Хидро Бошава“, тоа треба да се регулира со нов договор помеѓу „Водостопанство“ на една и општината или општините или комуналното претпријатие на друга страна. Ние го почитуваме и ќе го почитуваме склучениот договор што го имаме со јавниот партнер. Тоа го очекуваме и од другите, стои во дописот од кавадаречката компанија на странскиот инвеститор.
Неофицијално, според нив, точно е дека според закон водата треба да се користи прво за пиење, па наводнување, билошки минимум и ако остане нешто за електрична енергија, ама од горе од зафатот, а не долу каде што веќе водата е транспортирана од некој и кому треба да му се плати транспортот.
Се работи за околу 22 милиона евра инвестиција. Договорт за јавно-приватно партнерство е за 27 години. Потоа хидроцентралите остануваат на јавното претпријатие. Соговорниците на МИА се согласни дека само договор помеѓу засегнатите страни може да доведе до решавање на проблемот. Да не се остави работите да се решаваат на „жими мајка“, како што можеби поединци се обидувале во минатото. Оваа гарнитура преговарачи да ги исправат сите грешки што ги направила претходната.
Светлана Дарудова (МИА)