Прличев во романсата

Во романтичните самоидентификации на декларираните Бугари кои пеат, говорат, се борат и гинат за Македонија - зошто баш за Македонија, а на за „својата“ Бугарија? - можете да наидете и на референци каква што е името Александар Македонски, но нема да наидете на името Аспарух, на пример, творецот на првата држава на Прабугарите. Не е ли тоа малку чудно?

3737

Не знам дали е точно тврдењето на професорот Иван Илчев, еден од членовите на бугарската комисија за разговори за историските прашања меѓу Македонија и Бугарија, дека двете страни се договориле заеднички да го слават Григор Прличев како „бугарски учител“, чие творештво „е во основата на културата на современа Македонија“. На Фејсбук поставив прашање што, всушност, е договорено, но засега немам добиено официјален одговор.

Инаку, воопшто не сум оптоварен со потребата од „помакедончување“ на историските личности кои самите себеси се декларирале како Бугари или припадници на други народи, а нашата историографија упорно ги третира како Македонци. Во случајот на Прличев, историските факти се познати и нема никаква дилема дека тој, после една очебијна идентитетска криза во неговиот живот, кога твори на грчки јазик и е овенчан со слава, како што вели Конески, „ја прегрнува бугарштината“. И точно е дека учителствува на платниот список на Софија, како што е точно и тоа дека и неговиот син подоцна се декларира како Бугарин.

Ништо од сето тоа не е спорно. Но, секој што малку подлабоко ја разбира историјата на Прличев, знае дека тој е еден многу различен Бугарин од таков каков што сака да го прикаже софиската пропаганда. И секако, многу различен Македонец од таков каков што со децении го прикажуваше македонската пропаганда. Во 1871 година, кога ја препеал „Илијадата” на јазикот што го познавал и признавал како свој, Прличев бил исмеан од бугарските критичари. Некои велат, тоа било така зашто Прличев говорел приучен и недоучен, во секој случај лош бугарски јазик. Навистина? Како е тоа можно, ако бил саглам Бугарин? И како можела Софија да постави за „бугарски учител“ некој што не го знаел добро бугарскиот јазик?

Вистината, сепак, е малку поинаква. Прличев наивно се обидувал да создаде еден „општословенски“ јазик. Затоа што не му бил доволен бугарскиот јазик. Ниту грчкиот на кој се прославил. Да, тој се декларира како Бугарин, ама… Има тука едно „ама“. Во романтичните самоидентификации на декларираните Бугари кои пеат, говорат, се борат и гинат за Македонија – зошто баш за Македонија, а на за „својата“ Бугарија? – можете да наидете и на референци каква што е името Александар Македонски, но нема да наидете на името Аспарух, на пример, творецот на првата држава на Прабугарите. Не е ли тоа малку чудно?

Не е, зашто има тука една значајна разлика (тоа е она „ама“), разлика која може лесно да се објасни ако се направи обид објективно (научно) да се разбере историскиот контекст. Таа разлика, таа нијанса, е клучот за заедништвото и разбирањето меѓу Македонците и Бугарите денес. Затоа не можеме да се согласиме со професорот Илчев, или со било кој друг од Софија, кој заедништвото го разбира како наше откажување од „македонизмот“ и од „присвојувањето на бугарската историја“ и следствено, како едно ново „прегрнување на бугарштината“. Ајде, ви се молам, па тоа е несериозно дури и да се помисли!

Во времето на Прличев, да, согласен сум со Конески, тоа „прегрнување“ може да се разбере и да се оправда. Еве што вели Конески за Прличев: „Со тоа штo, ослободувајќи се од грчкото влијание, ја прегрнал бугарштината – тој не станува ни за малку поодалечен од нас, тој со ништо не ни се противставува, ниту пак одговара тој пред свеста на нашето време, кога е македонската нација веќе оформена, а одговара пред повелбите на својата доба, кога допрва нашето ослободително движење се оформуваше и требаше да ги бара своите патишта. Во тоа свое време, при оние услови во кои живееше, пред оние задачи што му се поставуваа – Прличев се покажа достоен народен син“.

Силен е овој Конески, нели?

И ние, денешните Македонци, одговарајќи пред „повелбите“ на нашето доба и пред задачите што сами си ги поставуваме денес, се разбира, можеме и сакаме да градиме заедништво со Бугарите, се трудиме да ги отфрламе пропагандите и стануваме сѐ поспособни на „спорните“ историски личности да погледнеме ладнокрвно и дистанцирано дури и од нивната претстава за нив самите. Погледнато од таков агол, ликот на еден Прличев и неговото дело добиваат сосема нови значења, ослободени од толкувањата на политичките пропаганди, сосредоточени на суштинската врска на две (во случајов, всушност, три) различни национални култури. При што е ирелевантно која од нив е постара или најстара, а која е во повој.

Ако се обидат со една таква широчина да погледнат на Прличев и на сите други „спорни“ ликови и настани од нашата заедничка историја, мислам дека и нашите браќа Бугари ќе ја разберат суштината на тоа заедништво и можеби ќе сфатат зошто, како што своевремено рече поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов, „Македонија е најромантичен дел од бугарската историја“. Ако веќе сме согласни дека најромантичниот дел од романсата сепак е спојувањето, а не разделбата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...